Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, соопшти дека поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против службени лица во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), како и против Комисијата како правно лице.
Според документот што го објави Апасиев, кривичната пријава е поднесена против Весна Донева, Севим Мустафа, Славко Ѓорѓески и Фарие Јашари, наведени како членови на Прекршочната комисија на ДКСК, како и против Катица Костовска, за која во пријавата е наведено дека има „непознат внатрешен статус во ДКСК“.
Во пријавата се наведуваат сомненија за кривичните дела „неизвршување на судска одлука“, според член 377 став 4 од Кривичниот законик, и „расна и друга дискриминација“, според член 417 став 1. Апасиев тврди дека делата биле сторени во идеален стек.
„Јас си стојам на зборот. Па затоа, денес поднесов нова кривична пријава за ‘неизвршување судска одлука’ против членовите на Прекршочната комисија при Антикорупциска“, објави Апасиев.
Тој тврди дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација претходно утврдила директна дискриминација врз него врз основа на политичка припадност, поврзана со, како што наведува, ускратување на правото на учество во постапката и правото на правен лек.
Апасиев наведува и дека тричлен совет на Управниот суд претходно го поништил решението на Прекршочната комисија, но дека потоа било донесено исто решение.
„Во судска постапка трочлен судски совет при Управниот суд им го поништи Решението, ама овие повторно си го донесоа истото“, напиша Апасиев.
Лидерот на Левица најави дека по кривичната пријава ќе поднесе и тужба за отштета, како и дека ќе иницира дисциплинска постапка поради, како што тврди, непочитување на задолжителните напатствија на Управниот суд.
Апасиев јавно му се обрати и на претседателот на ДКСК, најавувајќи дека случајот ќе го отвори и преку пратенички прашања во Собранието.