Поранешниот претседател на Советот на јавните обвинители, Антонио Јолевски, е назначен за вршител на должноста виш јавен обвинител во Битола, на местото на Пецо Везироски, кој е осомничен за примање награда за противзаконито влијание.
Одлуката е донесена на 53. седница на Советот на јавните обвинители, одржана на 13 октомври, откако Основниот кривичен суд Скопје го известил Советот дека против Везироски е определена мерка на претпазливост со која му се забранува преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно активности на неговото работно место.
– Под точка разно, претседателот на Советот ги запозна останатите членови со известувањето на Основниот кривичен суд Скопје дека против јавен обвинител е определена мерка на претпазливост –забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно работни активности на неговото работно место, поради што Советот донесе одлука да се стави вон сила одлуката со која јавниот обвинител е определен за ВД ВЈО на Вишо јавно обвинителство Битола. Поради ваквата состојба, Советот одлучи да донесе одлука за назначување на јавниот обвинител од ВЈО Битола, Антонио Јолевски за в.д. виш јавен обвинител на ВЈО Битола – стои во соопштението од Советот на ЈО.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на 7 октомври, информираше дека е поведена постапка против виш јавен обвинител во ВЈО Битола, поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
– Во изминатиот период, преку повеќе дејствија и примена на посебни истражни мерки, обезбедени се докази кои упатуваат на основано сомнение дека тој го искористил своето реално влијание и службената положба што ја извршувал за недозволено да влијае врз одлучувањето на колеги јавни обвинители и судии во најмалку 4 поединечни предмети, на подрачјето на кое ја вршел својата функција. Притоа, ургирал за пониски казни или за да обезбеди поповолна позиција за осомничени или обвинети лица во кривична постапка – стои во соопштението од Обвинителство.
На Пецо Везироски определени му се мерки за претпазливост.