Ангелов: Тешка битка со огнот во Мариово, на едно место го гасиме, на друго повторно се пали

by irena 19:27
19:27

Досега во текот на денот имало триесетина евидентирани пожари на отворено, а благодарение на брзата интервенција на локалните пожарникари, најголемиот дел од нив се изгаснати. Сепак, пожарот во Мариово и понатаму останува најголемиот и најкомплексен предизвик за пожарникарските екипи.

Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, активни остануваат и пожарите на територијата на Општина Студеничани, над селото Равен Габер, како и во Општина Македонски Брод, над селото Драгов Дол каде состојбата е значително подобрена по неколку интервенции од воздух.

Особено тешка била одбраната на населените места во Мариово. Екипите успеале да спречат огнот да навлезе во селата, со помош на локалните жители и општинските власти, кои испратиле трактори и друга механизација за расчистување на теренот и создавање противпожарни појаси.

Во гаснењето се вклучени пожарникари, тимови на Дирекцијата за заштита и спасување и други екипи на терен. Пристигнала и дополнителна помош од пожарникари од Кавадарци, а биле побарани и дополнителни сили од Неготино, како и екипи од шумските служби.

Карактеристично за пожарот во Мариово е што огнот сега се движи и кон битолската страна на планината. На тој дел работи механизација која прави противпожарни пресеки со цел да се спречи понатамошното ширење на пламените јазици. На терен се ангажирани и пожарникари од Битола.

Во текот на целиот ден пожарот бил гаснет и од воздух, но резултатите се ограничени поради големината на опожарената површина и постојаното повторно разгорување.

„На едно место го гасиме, на друго место се пали“, посочи Ангелов, објаснувајќи ја сложеноста на интервенцијата.

Пожарот над Равен Габер во Општина Студеничани во моментов не претставува опасност за населените места. Станува збор за исклучително тежок и непристапен терен, поради што директното гаснење од земја е ризично и на одредени места практично невозможно. Во пожарот е зафатена и квалитетна шума.

Подобра е состојбата со пожарот на територијата на Општина Македонски Брод, кој по неколку интервенции е значително намален и ставен под контрола.

Ангелов нагласи дека во моментов нема потреба од паника и дека главен приоритет на сите ангажирани екипи останува заштитата на населените места.

Тој се осврна и на информациите за изгорени куќи во Чаниште, нагласувајќи дека нема изгорено ниту една куќа во која постојано живеат луѓе. Огнот зафатил неколку стари и напуштени објекти и куќи кои не биле постојано населени.

Ангелов повторно апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни, особено во периодот што следува, кога се очекува повторен раст на температурите.

„Доволна е само една искра за да предизвика катастрофа“, предупреди Ангелов.

Слични вести