Сите американски борбени сили и единици за логистичка поддршка се повлекоа од Ирак, изјави неименуван ирачки извор, а засега нема официјална потврда од САД.
Официјалниот рок за повлекување на американските сили истекува на 30 септември, при што се прогласени четири неработни дена во Ирак по повод прославата на Денот на независноста.
САД и нивните сојузници извршија инвазија врз Ирак во 2003 година и го соборија тогашниот претседател Садам Хусеин. Американските и сојузничките сили се повлекуваат од Ирак во 2011 година, но на барање на ирачката влада, американската армија се враќа во земјата во 2014 година за да помогне во борбата против Исламска држава. откако во 2021 година беше прогласено дека е завршена мисијата против ИД, во 2024 година беше договорено повлекување на американските сили од Ирак..
Изминатите години, според податоци на Пентагон околу 2.500 американски војници беа стационирани во курдскиот регион Ербил, во база во близина на аеродромот во Багдад и во владиниот кварт на главниот град, познат како „Зелена зона“.
Безбедносната ситуација во Ирак повторно се влоши по американско-израелскиот напад врз Иран на 28 февруари. Американските објекти и војници во Ирак, како и курдските сили станаа цели на напади. Курдскиот регион во Ирак беше цел на стотици ракети и беспилотни летала, вклучително и напад врз канцеларијата на премиерот Масрур Барзани.
За Иран, автономниот курдски регион е сојузник на Западот и на Израел. Во Ербил се наоѓа мултинационална база, каде беа стационирани американски и германски војници. Базата исто така беше цел на напади.
Премиерот на Ирак, Али ал Саиди најави дека паравоените групи во Ирак, поддржани од Иран, ќе се разоружат и ќе се интегрираат во државниот безбедносен апарат паралелно со повлекувањето на американските војници. Но, мерката е пролонгирано до јуни следната година.
Премиерот на регионалната влада на Курдистан, Барзани изјави дека повлекувањето на американската армија е срамно.
– Заканата е реална, ранливи сме и под напад. Срамно е да се остане без каков било, да го наречеме, соодветен одбранбен систем, истакна Барзани.
Курдите се етничка група од околу 30 милиони луѓе, кои живеат во Ирак, Иран, Сирија и Турција. Тие со децении се борат за сопствена држава и долго време се соочуваат со прогон и репресија.
Полуавтономниот курдски регион во Ирак беше воспоставен по падот на Хусеин во 2003 година. Пред тоа, регионот беше заштитен со зона на забранети летови, воведена од американската војска во 1991 година. Односите помеѓу курдската влада, со седиште во Ербил, и централната влада во Багдад постојано се тензични.