„Алта банка“ започна со префрлање на големи парични суми од сметки на физички лица и компании во Србија кон сметки во странски банки, дознава порталот „Сербијан Тајмс“ (Serbian Times) од добро упатени извори.
Според нивниот извор кој вработен во банката, барањата за овие трансакции почнале да пристигнуваат во понеделникот наутро, откако станало јасно дека Вучиќ и СНС ги изгубиле изборите.
„Станува збор за компании и поединци поврзани со режимот на Вучиќ; тие очигледно се обидуваат да ги изнесат своите пари од Србија пред ’Студентската листа‘ да дојде на власт“, тврди изворот на „Сербијан Тајмс“.
Изворот додава дека вработените биле предупредени да не дозволат никакви информации за овие трансакции да стигнат до јавноста, а својата одлука да стапи во контакт со нашата редакција ја опишува како „патриотска должност“.
Адвокатот Иван Миниќ вчера исто така објави на својот профил на социјалната мрежа X (поранешен Твитер) дека една банка започнала со префрлање средства во странство; тој наведе дека ја известил Народната банка на Србија (НБС) и побарал итен надзор.
„Инсајдер од самото јадро на системот ме информираше: Една банка вчера почна да префрла пари во странство. Утрово ја известив НБС и побарав итен надзор за да се осигури дека депонентите од јавниот сектор нема да останат со празни сметки. Ова го сметам за чин на патриотизам и граѓанска должност“, напиша Миниќ на својот профил на X.
Дополнително, тој објави и документ – конкретно, барање за итно спроведување вонредна ревизија во банка (чието име е прикриено) – поради закани по нејзината ликвидност и безбедноста на депозитите од јавниот сектор.
„Како совесен граѓанин – поединец кој има непосредни сознанија за работењето на финансиските институции во Република Србија – ја известувам Народната банка на Србија за забележани активности што би можеле сериозно да ја загрозат стабилноста на финансискиот систем и безбедноста на штедачите. Според информациите со кои располагам, веднаш по изборите во Република Србија – поточно почнувајќи од 26 октомври 2026 година – банката [името е избришано] А.Д. Белград започна интензивен и забрзан пренос на средства (ликвиден капитал) во странство.
Овие средства беа насочени кон сметки и правни лица лоцирани во Москва (Руска Федерација) и Скопје (Северна Македонија) – јурисдикции во кои предметната банка, или нејзини поврзани лица, поседуваат сопственички удели во банкарскиот и осигурителниот сектор“, се наведува, меѓу другото, во документот што го објави Миниќ.
Тој побара од Народната банка итно да спроведе вонредна непосредна контрола во просториите на банката, со цел да се утврдат обемот, основите и законитоста на сите девизни и динарски трансфери кон странство извршени во изминатиот период.
Како што се наведува во документот, меѓу другото, Миниќ предлага и втора мерка: Народната банка на Србија (НБС) да воведе привремена забрана или ограничување за располагање со средства и вршење трансакции со поврзани лица во странство, за да се спречи понатамошен одлив на капитал додека трае ревизијата.
Тој исто така бара Народната банка да наложи мерки за одржување на ликвидноста и заштита на депозитите на правните и физичките лица, при што посебен акцент се става на депозитите на јавните претпријатија и институции.
Осврнувајќи се на ова прашање, Радомир Саичиќ – академик и еден од лидерите на „Студентската листа“ – изјави дека „постои страв од обиди за изнесување на капиталот и архивите од земјата за време на промената на власта“.
Српската Алта Група на контроверзниот бизнисмен Давор Мацура за кој српските медиуми пишуваа дека е близок пријател на Александар Вучиќ, ја поседува поранешна Стопанска Банка АД Битола која сега во Македонија работи под името Алта Банка АД.
Неколку месеци по влегувањето во банкарскиот сектор, Мацура ја презеде осигурителната компанија ЗОИЛ Македонија АД Битола и стана сопственик на сите нејзини акции. Компанијата ќе нуди неживотно осигурување за автомобили, имот, домаќинства и патувања.
Мацура влезе и во бизнисот со недвижности откако пред два месеца во Скопје беше одобрена регистрацијата на новата компанија за недвижен имот „Алта Реал Естате“. Сопственик-основач е Алта Група со дејност „изнајмување и управување со сопствен недвижен имот или недвижен имот под закуп (лизинг)“. За управител е именувана Татјана Бундало.