Алексеј Дума потврди дека мозоци од Македонија се испраќале за научни цели во САД

by irena 13:41
13:41

Мозок не може да се продаде и тој не може да се трансплантира, вели поранешниот директор на Институтот за судска медицина и криминалистика, Алексеј Дума. Ставот на Дума доаѓа откако во јавноста се појавија информации за извоз на мозоци од Македонија за научни цели во САД, пишува „360 степени“.

Ова доаѓа откако медиумот на сајтот на американската Национална библиотека за медицина пронајде документ од Македонската академија на науките и уметностите – оддел за медицина, од јули 2014 година, чии автори се Горазд Росоклија, професор од Универзитетот „Колумбија“, по потекло од Македонија, Алексеј Дума, поранешен директор на Судска медицина, и извесен Ендру Џеј Дворк од Универзитетот „Колумбија“ во САД.

Дума потврдува дека станува збор за проект што се реализирал во периодот меѓу 1990-тите и 2000-тите години. Сепак, тој потенцира дека не станувало збор за никаков профит. Вели – мозокот не може да оди на црниот пазар.

„Има точни правила мозокот кога ќе се извади за колку секунди треба да постигне минус 80 степени и да стигне во лабораторија“, вели Дума.

На прашањето колку мозоци од Македонија биле испратени за научните цели, Дума не можеше да каже бројка, но рече дека сигурно не биле 1.000.

„На Универзитетот веќе имаа банка на мозочни ткива кои ги земаа од цел свет со строго дефинирано што им треба – шизофреничари и самоубиства“, додаде тој.

За тоа дали семејствата на починатите, чии мозоци биле праќани за испитувања, биле запознаени со проектот, Дума не даде конкретен одговор.

Слични вести