Албанија никогаш нема да го прекине патот на Северна Македонија кон ЕУ, рече Рама

by valentina 11:49
11:49

Албанскиот премиер Еди Рама вели дека никогаш ниту тој, ниту Албанија, нема да го прекинат македонскиот пат за членство во ЕУ, објаснувајќи ја неговата изјава за бугарски медиум дека земјава мора да ги внесе Бугарите во Уставот за да влезе во Унијата.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали ваквата порака значи дека ако утре Албанија влезе пред Северна Македонија во ЕУ, Тирана ќе ја блокира земјава ако не го исполни условот, Рама вели дека тоа е извадено од контекст.

„Јас секогаш сум бил гласен говорител за приближувањето на Македонија во ЕУ. И никогаш не би си дозволил да ѝ кажам на македонската влада или на македонскиот народ што треба да направи. Тоа што вие го алудирате, станува збор за одговор на еден новинар од Бугарија и се однесува на едно прашање што Бугарите го имаат кон вашата држава во врска со претходен договор. Имаше и подол одговор на ова прашање, а тоа е колку направила Северна Македонија, дури го сменила и името за да влезе во ЕУ. Исто така, додадов дека македонската страна со право се сомнева дали ќе постои уште вето ако го направи овој чекор и ги додаде Бугарите во Уставот“, рече Рама.

Од друга страна, додаде албанскиот премиер, Северна Македонија мора да го исполни овој услов за да влезе во ЕУ.

„Но, ниту јас ниту Албанија никогаш нема да го прекине патот на Северна Македонија кон ЕУ“, посочи Рама.

Тој на прашања од македонски и албански новинари одговараше од граничниот премин „Ќафасан“ каде во друштво на македонскиот премиер Христијан Мицкоски присуствуваше на пуштање во употреба на системот „Оне стоп шоп“ (One stop shop).

Слични вести