Албанија ќе го отвори последниот кластер од преговорите со ЕУ

by vlatko 16:25
16:25

Албанија утре во Брисел ќе ја одржи седмата меѓувладина конференција со ЕУ, на која се очекува земјата да го отвори последниот кластер од пристапниот процес кој се однесува на ресурсите, земјоделството и кохезијата.

Во овој кластер спаѓаат поглавјата за земјоделството и рурален развој, за безбедност на храната, ветеринарството и фитосанитарните прашања, за рибарството и аквакултурата, регионалната политика и координацијата на структурните инструменти и за финансиските и буџетските одредби.

Албанскиот премиер Еди Рама, најавувајќи го одржувањето на меѓувладината конференција, оцени дека „отворањето на последниот кластер во преговорите е рекордно достигнување“.

-Со отворањето на оваа група поглавја, Албанија го постигнува невозможното бидејќи ги финализира сите преговарачки поглавја во рок од 12 месеци, постигнувајќи апсолутен рекорд во напредокот на европската интеграција. Целта на Владата е да го заврши процесот на преговори до 2027 година. Ништо нема да не спречи кон членство во ЕУ во 2030 година – рече Рама.

Слични вести