Ако не од плата, од што живее Димитриевски: Фирмите му ределе загуби и згаснувале, пријавил недвижности од 92 илјади евра!

Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, изјави дека не живее од функционерската плата, туку дека од 1998 година се занимавал со бизнис, работел во странство, инвестирал и реинвеститал... Според податоците што ги обезбеди „Фокус“, со неговото име директно се поврзуваат 2 фирми во земјава, од кои едната е одамна ликвидирана, а за другата се води стечајна постапка - и двете имале незначителен обрт пред да пропаднат. Воедно, тој поседува удел и во компанија во Бугарија, која е неактивна на пазарот, додека неговата сопруга е косопственик на домашно друштво, кое пак работи со загуби. Притоа, семејното имотно досие го сочинуваат и недвижности, оружје...

by vlatko 17:29
17:29

Влатко СТОЈАНОВСКИ

„Не сакам да бидам погрешно разбран, јас сум бил задоволен и сум задоволен од платата што ја примам, бидејќи јас од платата не живеам. Се занимавам со приватен бизнис од 1998 година и поради политиката го оставив тоа. Работев во странство, инвестирав и реинвестирав, и од политиката не живеам, и затоа сум слободен секому да му кажам тоа што мислам…“.

По оваа изјава на кумановскиот градоначалник и лидер на владејачката ЗНАМ, Максим Димитриевски за ТВ 21 во насока дека многу години се занимавал со приватен бизнис, дека (ре)инвестирал средства, дека бил на печалба…, извршивме проверки кои фирми ги поседува(л), но и каков имот стекнал, пред сè додека ја извршувал градоначалничката функција?

Па, така, успеавме да пронајдеме стара компанија на Димитриевски, која одамна е згасната. Станува збор за друштвото „Нерез Максим“ со седиште во Куманово, која била основана во далечната 1992 година со дејност – „поставување на столарија“. Тековната состојба покажува дека овој субјект престанал да постои во 2012 година, кога бил ликвидиран и избришан.

Според историјатот на промени, друштвото е основано со непаричен влог од 9.500 евра од страна на Димитриевски, кој бил и прв управител. Така било сè до 2006 година, кога на местото на Димитриевски, нов управител станува неговата сопруга Надица Димитриевска. Меѓутоа, во 2009 година повторно управител станува Димитриевски, кој во текот на 2011 година ја ликвидира својата компанија.

Со цел да видиме како работела оваа компанија, извадивме финансиски извештаи за последните години од нејзиното постоење, кои покажаа дека во 2011 година поднела празна годишна сметка. Во претходната 2010 година, пак, друштвото остварило приходи од само 523 илјади денари и отишло во загуба од 322 илјади денари. Уште помал обрт имала во 2009 година од само 165 илјади денари и отприлика исто толку расходи.

Покрај „Нерез“, може да се лоцираат уште 2 правни лица поврзани со Димитриевски и неговото потесно семејство, кои се наведени и во неговиот анкетен лист што го доставил до Комисијата за спречување корупција и судир на интереси. Едната од нив е „МБ-ИНЦ“ со седиште, исто така, во Куманово, која е деловно неактивна, но сè уште е правно активна.

Притоа, оваа компанија е основана во 2001 година, со основна дејност – „трговија на големо со метална стока, цевки, уреди и опрема за водовод и централно греење“. Како нејзини сопственици се јавуваат Димитриевски и Бобан Серафимовски, додека управител бил Зоран Алексовски. Официјалните податоци откриваат дека ова друштво бележи континуиран пад до периодот 2021-2022 година.

Поточно, финансиските извештаи покажуваат дека ако компанијата во 2018 година остварила приходи од 13 милиони денари, тие во 2019 година падналe на 11 милиони денари, за во 2020 година да се спуштат до 7,5 милиони денари. Во следната 2021 година, пак, приливите се на рекордно ниско ниво од 2,5 милиони денари. Во сите споменати години фирмата работи со загуба, која е највисока во 2020 година, кога таа изнесува 4,8 милиони денари.

Во таква ситуација, во средината на 2022 година е поведена претстечајна постапка и набргу потоа е отворена стечајна постапка за оваа компанија со решение на кумановскиот основен суд. Она што е интересно, кога се отвора стечај на „МБ-ИНЦ“ во 2022 година се основал Одбор на доверители каде што членувале 3 субјекти, кои имале побарувања кон стечајниот должник и добиле својство на доверители.

Меѓу нив биле адвокатката Верица Арсовска, Управата за јавни приходи и приватна компанија поврзана со семејството Димитриевски. Се работи за друштвото „Ајфикс“ со седиште во кумановско Доброшане. Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија, основана во 2015 година, е во сопственост на неговата сопруга Надица Димитриевска и на Душица Серафимовска, а како управител се јавува споменатиот Зоран Алексовски.

Исто како и „МБ-ИНЦ“, и „Ајфикс“ има дејност за „трговија на големо со метална стока, цевки, уреди и опрема за водовод и централно греење“, што значи дека семејството Димитриевски имало 2 компании со иста дејност, при што едната паднала во стечај, во чии рамки како доверител се јавува другата компанија?! За разлика од „МБ-ИНЦ“, „Ајфикс“ моментално е активна на пазарот, иако прикажува променливи финансиски резултати.

Конкретно, во периодот 2020-2022 година, приходите на друштвото растат од 14,7 на 18,8 милиони денари, но веќе од 2022 година почнува да работи со загуба, која прво изнесува 267 илјади денари. Што се однесува до следните 2 години за кои има финансиски извештаи, во 2023 година фирмата остварува приходи од 15,2 милиони денари и загуба од 1,8 милиони денари, а во 2024 година прави приходи од 13,3 милиони денари и загуба од 851 илјада денари.

Исто така, кумановскиот градоначалник и лидер на ЗНАМ пријавил дека поседува и удел во странска компанија, т.е. дека е содружник во друштвото „МБЦ ГЛОБАЛ ООД МАКЕДОНИЈА“, посочувајќи дека поседува 20 акции, чија номинална вредност е 200 евра, кои ги стекнал на самиот истек на 2015 година. Имено, Димитриевски е еден од четворицата содружници на оваа компанија регистрирана со седиште во Бургас.

Освен него, ова друштво е во косопственост на бугарскиот државјанин Христо Трошанов, чиј удел изнесува 600 бугарски лева, или исто колку и уделот на српскиот државјанин Зоран Чекеревац. Третиот содружник е веќе споменатиот Серафимовски, чиј удел пак е 400 лева, или исто колку и уделот на Димитриевски, така што основачкиот влог на компанијата изнесува 2.000 лева или 1.022 евра.

Од сето тоа произлегува дека Максим Димитриевски и Бобан Серафимовски се партнери во „МБ ИНЦ“, за која веќе неколку години се води стечајна постапка. Згора на тоа, управител на оваа фирма бил Зоран Алексовски, кој воедно се јавува и како управител на „Ајфикс“ во сопственост на сопругите на Димитриевски и Серафимовски – Надица Димитриевска и Душица Серафимовска. Конечно, вреди да се нотира и фактот што „Ајфикс“ првично била основана под називот „МБС Глобал“ или исто како и бугарската фирма.

Сепак, од изнесените податоци може да се изведе заклучок дека овие компании, поврзани со сопружниците Димитриевски и нивните бизнис-партнери и соработници, ни одблизу не можат да се пофалат со екстра успешно работење. Напротив, една од нив е одамна ликвидирана, друга е заглавена во стечајна постапка, третата работи со загуби, додека за онаа во Бугарија, самиот Димитриевски во неколку наврати вели дека само формално постои и нема никаква активност.

Оттука, врз основа на што Димитриевски вели дека не живее од градоначалничката плата, бидејќи, меѓу другото, многу години дејствувал во приватниот сектор? Упативме прашања до Димитриевски поврзани со неговите компании, но, исто така, го прашавме и во кои области и проекти инвестирал и реинвестирал средства? Дополнително, го прашавме и колку време работел во странство и какви работни задачи и обврски имал? Но, одговори не добивме.

Инаку, во анкетниот лист Димитриевски пријавил дека лично поседува средства во готово од 950 илјади денари, а неговото семејство поседува златен накит од вкупна вредност од 300 илјади денари – сето тоа стекнато во далечната 2000 година. Плус, навел дека тој, неговата сопруга и неговите деца имаат 5 трансакциски и девизни сметки, меѓутоа не открил колку средства има на нив изразено во денари или евра, сеедно.

Се чини дека најскромен е делот за подвижен имот, имајќи предвид дека пријавил оти поседува лично возило марка „опел астра“ произведена во 1995 година во вредност од 60 илјади денари, додека на име на деца пријавил возило „воге СР1“ произведено во 2024 година, чија вредност изнесува 184 илјади денари. Далеку, условно кажано, побогата е графата со недвижниот имот на Димитриевски, кој стекнувал недвижности во Куманово и Кумановско главно додека бил на градоначалничка функција.

Поточно, во 2011 година тој купил земјоделско земјиште во Куманово со површина од 7 илјади квадратни метри, во вредност од 460 илјади денари. Конкретно, поседува 3 четвртини од овој плац, додека една четвртина е во сопственост на Драган Митевски, кој е во кумска врска со Димитриевски. Само 5 години подоцна, т.е. во 2016 година, Димитриевски го дополнил фондот со недвижности со уште едно земјоделско земјиште со површина од 1.663 квадрати, чија вредност изнесува 215.250 денари, што го добил по пат на денационализација.

Понатаму, во 2020 година, по основ на купопродажба, стекнал една половина од парцела од 492 квадрати со станбена куќа во кумановското село Челопек, чија вредност е 450 илјади денари. Во 2022 година, исто така по пат на купопродажба, стекнал 105 квадрати во станбено-деловен објект во Куманово, чија вредност изнесува околу 4 милиони денари или 65 илјади евра. Паралелно, стекнал и „друг имот“  во истиот објект од 14 и 15 квадрати од по 300 илјади денари.

Според проверките што ги извршивме во Катастарот на недвижности, овој станбено-деловен објект е лоциран на катастарска парцела 14785, во рамки на катастарска општина Куманово, каде што Димитриевски поседува имот преку имотен лист 84782. Впрочем, во истиот објект стан има и веќе споменатиот Митевски. Двајцата поседуваат дел и од заедничкиот простор, додека Димитриевски се јавува и како косопственик на заедничкиот простор во соседната КП 14768.

Сè на сè, Димитриевски навел дека поседува недвижности во вкупна вредност од околу 5,6 милиони денари или 92 илјади евра. Патем, тој пријавил дека поседува дозвола за оружје, при што навел дека лично поседува 11 парчиња на оружје, без да посочи за каков вид и тип на оружје станува збор. Сепак, напишана е нивната вредност, така што најевтиното парче оружје е 12 илјади денари, а најскапото 60 илјади денари, додека сите заедно вредат 434 илјади денари.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Слични вести