АЕТМ: Е-трговијата во Македонија со двоцифрен раст – онлајн трансакциите достигнаа речиси 266 милиони евра во првиот квартал од 2026 година

by irena 13:13
13:13

Според најновите податоци на НБРСМ за трансакции на места на продажба за е-трговија (без трансакциите со електронски пари), во првиот квартал од 2026 година вкупната вредност на онлајн трансакциите достигнала 16,355.96 милиони денари, односно 265.95 милиони евра, што претставува раст од 18.1% во однос на истиот период минатата година. Во оваа вредност се вклучени онлајн купувањата на македонските граѓани кај домашни и странски е-продавници, како и купувањата на странски потрошувачи кај македонските е-трговци.

При тоа, во првиот квартал од 2026 година, кон македонските е-трговци биле реализирани онлајн трансакции во вредност од 9,608.64 милиони денари, односно 156.24 милиони евра, што претставува раст од 16.5% во однос на истиот период минатата година.

Од оваа сума, домашните иматели на платежни картички реализирале трансакции во вредност од 8,617.27 милиони денари (140.12 милиони евра), што е 15% повеќе во однос на истиот период лани, додека странските иматели на платежни картички реализирале онлајн трансакции кон македонските е-трговци во вредност од 991.37 милиони денари, односно 16.2 милиони евра, што претставува раст од 32.5%. Овој тренд покажува дека домашните е-продавници сè повеќе успеваат да привлечат и купувачи од странство.

Од друга страна, македонските потрошувачи продолжуваат активно да купуваат и од странски е-продавници, при што во првиот квартал реализирале онлајн трансакции во вредност од 6,747.31 милиони денари, односно 109.71 милиони евра, што претставува раст од 20.3% во однос на истиот период минатата година.

Слични вести