Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска треба да донесе одлука за избор на најповолен понудувач на тендерот за трет мобилен оператор.
На 24 ноември лани, на барање на „Оне Македонија телекомуникации“, подружница на унгарската групација 4иГ, беа продолжени роковите утврдени во тендерската документација.
Одлуката на АЕК е крајниот рок за доделување одобрение за користење радиофреквенции да е 25 февруари годинава.
„Се предвидува официјалниот влез на новиот оператор да се случи на почетокот на 2026 година. Ова ќе ја зголеми конкуренцијата на пазарот, што беше континуирана забелешка во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија“ – велат од АЕК.
Процесот за трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги започна минатата година. На 22 април лани, Агенцијата за електронски комуникации отвори јавна расправа, која резултираше со писма за искажување интерес од „Оне Македонија телекомуникации“ ДООЕЛ Скопје, „Битстрим мобиле“ ДООЕЛ Скопје и „е&ппф телеком груп Б.В.“.
На 19 јули 2025 година, АЕК донесе одлука за распишување јавен тендер со јавно наддавање за доделување одобренија за користење радиофреквенции од радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz.
Најнискиот почетен износ на пазарната вредност на радиофреквенциите, како еднократен надомест за одобрението А1, изнесува 4,2 милиони евра, за одобрението Б1 – 1,5 милион евра, а за одобрението Ц1 – 2,32 милиони евра.
Рокот на важност на одобренијата за користење радиофреквенции А1 и Ц1 е 12 години, односно до 2037 година, додека одобрението Б1 ќе важи осум години, до 2033 година, поради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператори.