Од АД МЕПСО соопштија дека ги прифаќаат наодите од Државниот завод за ревизија и веќе преземаат мерки за отстранување на утврдените слабости.
„Новото раководство нема намера да ги игнорира или релативизира утврдените проблеми. Ги прифаќаме наодите и веќе работиме на нивно надминување“, велат од компанијата.
Според МЕПСО, голем дел од забелешките се однесуваат на процеси, договори, инвестиции и имотно-правни прашања што се наталожувале со години, а дел од нив датираат уште од основањето на компанијата во 2004 година.
Од компанијата најавуваат акциски план за спроведување на ревизорските препораки, со фокус на регулирање на сопственичките права, подобрување на евиденцијата, вработувањата, внатрешните контроли и сајбер-безбедноста.
„МЕПСО нема да бега од затекнатите проблеми, туку ќе ги искористи ревизорските наоди како основа за подобрување на работењето и поголема транспарентност“, порачуваат од компанијата.