Високи претставници на власта периодов во неколку наврати го прозваа Врховниот суд, посочувајќи го како главен виновник за тоа што се заканува да пропаднат повеќе случаи од висок јавен интерес, како на пример „Ласкарци-Дурмо турс“ и „Модуларна болница“, што, според нив, негативно влијае врз перцепцијата кон правосудството и дополнително ја намалува довербата во судската власт.
Во таа насока, пратеникот и потпретседател на Собранието Антонијо Милошоски, кој воедно е член на Извршниот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, деновиве во еден јавен настап се осврна на состојбата со правосудниот систем во земјава, при што го спомена токму Врховниот суд, истакнувајќи дека можеби треба да се преиспита начинот на кој одредени судии судат.
–Не може правосудството да биде оценувано само преку законите што ги носи Собранието. Тука улога има и Владата, Собранието, Јавното обвинителство и судиите. Еден систем на поврзани садови. По однос на Собранието, сметам дека имаме донесено прилично добри закони, коишто ги подобруваат состојбите во правосудството. Владата исто гледам дека вложува напори на тоа поле. Но, би сакал да напоменам дека има некои актери, можеби се поединци во судството, коишто ги рушат овие постигнати стандарди.
Имате два случаи од висок јавен интерес, како случајот „Ласкарци“ и „Дурмо Турс“, вториот случај е „Модуларна болница“. Во овие два случаи и извршната власт, и МВР, и ЈО и многу други чинители вложиле многу труд да обезбедат докази затоа што се сериозни пропусти со трагичен настан и на крајот за Врховниот суд, којшто е управуван од претседателот Фидани одлучува овие случаи да ги укине овие пресуди и да ги врати на Апелација на повторно судење, односно на основен суд.
Затоа, според мене, освен одговорноста на еден пратеник, на еден министер, премиер или градоначалник, за правосудните состојби треба јавноста да побара одговорност и од одредени судии. Ако можат премиерот, министерот Тошковски, министерот Шасивари да даваат одговори, транспарентно, за состојбата во правосудството пред јавноста, тогаш може и претседателот на Врховниот суд да даде одговори за тоа дали владеењето на правото е начелниот принцип по којшто работи.
Ние како Собрание сме донеле многу закони и за Судски совет и за јавнообвинителска служба и за судска служба коишто се на барање и во полза и на судството и на обвинителство. Но, ние како Собрание не можеме да бидеме судии и кај предметите од висок јавен интерес некои судии треба да преиспитаат дали судат според закон или судат според некаква материјална, лична или политичка блискост кон некоја странка – рече Милошоски на „Алсат ТВ“.
Набргу потоа, на истата тема тој говореше и во Парламентот, каде, меу другото, изјави: „Има еден актер во државата којшто многу често е прозван, дел е од извештаите на Европската комисија, но не е толку видлив и никогаш не дава отчет. Тоа е Врховниот суд на Македонија, кој има буџет, има кадри, има искусни судии, но има контроверзни одлуки, како што беа тие за „Ласкарци“ и за „Модуларната болница“ во Тетово, меѓутоа нема отчет. Никогаш не направиле ниту еден брифинг за новинарите, не дале ниту едно интервју, а камоли да организираат некоја поголема јавна расправа…“.
Во меѓувреме, слични пораки упати и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој во интервју на „ТВ Сител“ порача дека буџетот на судството и обвинителството не се причина за лошите резултати во правосудството. Имено, според него, не станува збор за парите, бидејќи, како што рече, со пари не може да се купи морал кај дел од судиите. Притоа, и тој директно го впери прстот кон Врховниот суд, пред се судиите од кривичниот оддел во Судот, во контекст на застарување на предмети поврзани со партиски функционери.
–Еве сега преку судски буџет судовите во Македонија добија дозвола за вработување на преку 200 луѓе и догодина ќе добијат уште толку. Платите им се покачени на судиите и чекаме одлука на Уставниот суд за обвинителите, но каква и да биде, позитивна или негативна, и тие ќе добијат покачување на платите. Ќе се доведеме во една ситуација многумина од судиите во Апелација да имаат повисока плата од Претседателот на Владата. Но и тоа нека биде така.
Јас ви гарантирам дека сето злато на светот да им го дадеме, ако нема чувство на одговорност и правдољубивост, бадијала е се! Јас зборувам за една мала група на луѓе, која што ги контаминира другите луѓе. Еве да речеме каква е одговорноста на Врховниот суд? Дали некој прашува како работи Врховниот суд? Зошто кривичниот оддел при Врховниот суд континуирано поништува дела каде што се засегнати функционери од ДУИ и ги враќа во прв степен за да застарат?
Никој не го гледа делото, пресудата на Основниот суд во некое место. Граѓаните се шокирани од ваквите одлуки (на Врховниот суд). Затоа велам дека може да имате прекрасни судии и има прекрасни судии со одлуки поврзани со правото стотици, но една ваква одлука („Ласкарци“, „Модуларна“) поништува се. Затоа што ова е политички сензитивна одлука, кога вие како судии во Врховен суд ќе вратите дело кое што поминало во Основен и на Апелација повторно на почеток, затоа што знаете дека тоа дело ќе застари и нема време лицето да биде правосилно осудено.
И тоа ги оптеретува граѓаните и создава фрустрација, не создава фрустрација чесен судија во Штип, Гостивар, Струмица, којшто си носи во прв степен одлука согласно право, а Апелација ја потврдува за некој граѓански или кривичен спор што не е политички сензитивен. Граѓаните ги фруструраат политички сензитивни случаи. Еве проверете кои се тие лица од „Ласкарци“ и „Модуларна болница“ и проверете зошто кривичниот оддел на Врховниот суд и судиите таму носат вакви одлуки – рече Мицкоски.
Инаку, ваквите критики од власта се засилија откако Врховниот суд ги укина правосилните пресуди за случаите познати како „Ласкарци“ и „Модуларна болница“ и предметите ги врати на повторно постапување и одлучување. Прво, овој Суд во септември годинава ја укина пресудата на Апелација за случајот за автобуската несреќа кај „Ласкарци“, со образложение дека Апелацискиот суд зголемил дел од казните изречени од Основниот суд, но не дал конкретно објаснување како дејствијата на секој од осудените поединечно се поврзани со несреќата.
Всушност, со ваквата одлука на Врховниот суд, предметот „Ласкарци“ повторно се враќа на постапување пред апелациските судии, додека осудените беа ослободени од затвор се до донесување на нова правосилна одлука. Како што е познато, претходно беа правосилно осудени 6 лица, меѓу кои возачот на автобусот Маноил Трифуновски, сопственикот и управител на „Дурмо турс“ Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во компанијата Ремзи Мифтари, како и 3 лица вработени во станицата за технички преглед – Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски.
Само еден месец потоа, т.е. во октомври годинава, Врховниот суд ги укина и првостепената пресуда на Основниот суд Тетово и второстепената пресуда на Апелациониот суд Гостивар во случајот „Модуларна болница“, со образложение дека постојат сериозни недостатоци во постапката и во образложенијата на пониските судови, особено во делот на утврдувањето на причинско-последичната врска меѓу постапувањето на обвинетите и трагедијата, како и во оценувањето на доказите за причините и ширењето на пожарот.
Практично, со тоа беа уважени барањата на поранешните директори на тетовската болница, Флорин Бесими и Артан Етеми, кои беа правосилно осудени за трагедијата во тетовската болница. Патем, вреди да се напомене дека Бесими е брат на познатиот политичар од редовите на ДУИ Фатмир Бесими, кој во изминативе години извршуваше повеќе високи државни функции – министер за финансии, министер за економија, министер за одбрана, вицепремиер за европски прашања…
Откако високи функционери од извршната и законодавната власт го повикаа Врховниот суд да ги објасни, условно кажано, контроверзните одлуки што привлекоа внимание во јавноста, како што се одлуките за укинување на правосилните пресуди за случаите познати како „Ласкарци“ и „Модуларна болница“, како и по повиците да се провери кои судии се дел од кривичниот оддел во рамки на Врховниот суд и како тие биле избрани, се обративме до Врховниот суд, од каде на нашите прашања го добивме следниов одговор:
„Ве известуваме дека одлуките во предметите познати во јавноста како „Ласкарци“ и „Модуларна болница“ беа навремено објавени на официјалната веб-страница на Врховниот суд, во целост, со детално образложение на причините и правните аргументи врз основа на кои се донесени. Оттука, секое заинтересирано лице има можност непосредно да се запознае со содржината на одлуките, правните основи и аргументите на кои тие се засноваат, како и со составот на судските совети што одлучувале по предметите.
Во однос на Вашето прашање за застареноста на кривичното гонење, Ве информираме дека во предметот „Модуларна болница“ во однос на физичките лица, апсолутниот рок на застареност на кривичното гонење изнесува десет години, сметано од денот на извршувањето на кривичното дело, односно од денот на настапувањето на последицата, додека пак во предметот „Ласкарци“ апсолутниот рок на застареност на кривичното гонење изнесува четириесет години, сметано од денот на извршувањето на кривичното дело, односно од денот на настапувањето на последицата.
По однос на изјавите кои ги споменувате, Врховниот суд ја нагласува потребата од одговорност и воздржаност во јавните настапи на носителите на највисоките државни функции, особено кога нивните изјави се однесуваат на конкретни судски одлуки и постапувањето на судиите. Почитувањето на независноста на судството не е само обврска на судиите, туку и одговорност на сите носители на јавни функции, во согласност со принципот на поделба на власта и владеењето на правото“.
Според официјалната интернет-страна на Врховниот суд, претседател на највисокиот суд во судската хиерархија е Африм Фидани, кој на оваа функција беше избран ланската 2025 година во конкуренција на неговата претходничка Беса Адеми. Покрај нив, дел од судот се Владимир Стојаноски, Јелица Крстевска, Џемали Саити, Шпенд Деваја, Стојанче Рибарев, Цветанка Периќ, Мирјана Лазарова-Трајковска, Сафет Кадрии, Анита Бошковска, Катерина Георгиевска, Татјана Дуковска, Маја Маркова и Зоран Димитриевски.
Што се однесува до кривичниот оддел на судот што го нагласува премиерот Мицкоски, т.е. на Одделот за казниви дела, дел од него, според официјалните информации, се судиите Саити, Периќ, Лазарова-Трајковска, Кадрии, Дуковска и Димитриевски. Во биографиите на тројца од нив може да се види дека во одреден период во минатото биле дел и од државната управа, вклучително и на политички именувани позиции.
Поточно, Саити, кој долг период беше претседател на Здружението на судии, своевремено бил министер за локална самоуправа, член на Државната изборна комисија, член и заменик-претседател на Државната пописна комисија. Неговиот колега Кадрии, пак, бил заменик-директор на владината Служба за општи и заеднички работи, државен секретар во Министерството за правда, заменик-член на ДИК. Исто така, член и воедно претседател на ДИК била и Лазарова-Трајковска, која била дел и од МВР и МНР.
Кога се говори за одредена поврзаност меѓу Врховниот суд, односно дел од врховните судии и политичката партија ДУИ, како што обвинува власта, тогаш најчесто се алудира на судијата Деваја, кој е сопруг на долгогодишната потпретседателка на ДУИ и поранешна пратеничка, министерка и градоначалничка на Тетово, Теута Арифи. Арно ама, треба да се има во предвид дека тој не е дел од Одделот за казниви дела, туку од одделите за граѓански дела и за судење во разумен рок.
Влатко СТОЈАНОВСКИ