Скопската бискупија ја известува јавноста дека во текот на ноќта меѓу 24 и 25 ноември 2026 година, од католичката црква „Свети Јосиф“ на Бит-пазар во Скопје е украдена дарохранителницата во која се чува Пресветата Причест, односно осветени хостии.
Случајот е пријавен кај надлежните институции и во тек е полициска истрага. За Католичката црква Пресветата Причест е најсветиот дар доверен на Црквата и средиште на нејзиниот литургиски и духовен живот. Поради тоа, нашата најголема грижа во овој момент е осветените хостии да бидат пронајдени и достоинствено вратени.
Скопската бискупија упатува искрен апел до лицето или лицата кај кои се наоѓа дарохранителницата, а особено Пресветата Причест, да овозможат нејзино враќање што е можно поскоро.
Доколку некој ги поседува осветените хостии и сака да ги врати, го повикуваме тоа да го направи со доверба и без страв од осуда од страна на Црквата. Нашата желба е тие да бидат вратени со должна почит.
Ги повикуваме и сите граѓани кои располагаат со било каква информација што може да помогне во пронаоѓањето на дарохранителницата и Пресветата Причест да се обратат до надлежните органи. Воедно, ги повикуваме сите верници да се соединат во молитва за пронаоѓање и достоинствено враќање на Пресветата Причест, како и за покајание, помирување
и преобраќање на срцата, се вели во соопштението од Скопската бискупија.
Нека овој немил настан биде и повик до сите нас за уште поголема почит кон она што е свето, додаваат.