Деветнаесетгодишниот Али Кадиров, син на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, добил српско државјанство под друго презиме, што му овозможило слободно да се движи низ земјите од Шенген-зоната. Случајот го откри Фондацијата за борба против корупцијата (ФБК), организација основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални.
Истражителите во „Службен весник“ на Србија пронашле одлука со која во јули 2025 година му било доделено српско државјанство на Али Рамзанович Мусаев. Според нивните наоди, станува збор за вториот син на Рамзан Кадиров, кој за патувањата во странство го користи презимето Мусаев. Одлуката за доделување на државјанството ја потпишал српскиот премиер Ѓуро Мацут.
Владата на Србија веднаш не одговорила на прашањето на „Радио Слободна Европа“ дали знае дека Али Рамзанович Мусаев е син на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров.
Фондацијата за борба против корупцијата тврди дека синот на чеченскиот лидер под тоа презиме повеќе од сто пати патувал во странство, речиси секогаш со приватни авиони, главно во Дубаи.
Според нивните наводи, и ќерката, сопругата и двајца од синовите на чеченскиот лидер го користат презимето Мусаев.
Рамзан Кадиров со години се соочува со обвинувања дека толерира тешки кршења на човековите права во руската република Чеченија, вклучително и киднапирања, мачења, убиства и прогон на припадниците на ЛГБТ-заедницата.
Владата на Србија во април му доделила државјанство и на внукот на Рамзан Кадиров, Јакуб Закриев, но тој бил српски државјанин само четири дена. Владата не соопштила зошто најпрво му било доделено, а потоа му било одземено државјанството.
Закриев е на листата со санкции на САД и на Велика Британија поради неговата поврзаност со руските институции.
Владата на Србија повеќепати доделуваше државјанства на руски државјани, и покрај предупредувањата од Брисел дека на тој начин им се овозможува безвизен влез во Европската Унија.