На денешното судење во Одделот за организиран криминал и корупција во Кривичниот суд против поранешниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство Васе Анакиев од Социјалистичка партија, кој беше фатен со 50.000 евра мито во гаражата во зградата каде што живее ексминистерот за земјоделие Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, беа презентирани снимки од тајното следење со судска наредба, објави СДК.мк
Посебните истражни мерки (ПИ-мерки) беа во видео и аудио презентација, а обвинителката Искра Хаџи Василева акцентираше на кои места во кафеанската галама Анакиев зборува за рати, за рок на исплата, во разговор со сопственикот на фирмата „Манови“, чии камиони со вештачко ѓубриво тој не ги пушта да влезат од Бугарија во Македонија. Од снимките се гледаше дека камерата е кај оштетениот Методи Манов, кој всушност и го пријави директорот на Земјоделскиот инспекторат дека му бара 100.000 евра на две рати за да му ги пушти камионите на граница.
Снимките се од 13 март 2026 во угостителски објект во Свети Николе, а потоа и во хотел во близина. Првите се без Анакиев.
Според обвинението, тој ден на 13 март 2026, обвинетиот Анакиев во Свети Николе директно побарал поткуп во износ од 100.000 евра за одобрениот увоз и за идните увози на вештачко ѓубриво, при што побарал износот да биде исплатен во две рати. На 19 март 2026, откако пријавителот преку сведок му ја предал првата рата од 50.000 евра, обвинетиот бил лишен од слобода при преземањето на парите од полициски службеници.
Обвинителката Хаџи Василева поднесе до судот и полициски извештај од фатените пари во торбата од првата рата: 36 банкноти во апоени од 200 евра, 164 банкноти во апоени од 50 евра, над 300 банкноти во апоени од по 100 евра и една банкнота од 500 евра.
Апсењето беше во гаражата на зградата во која живее тогашниот министер за земјоделие Цветан Трипуновски, претпоставен на Анакиев.
На следното судско рочиште продолжува презентацијата на материјалот од пи-мерките против Анакиев.
На претходните рочишта беа презентирани податоци од двата мобилни телефона на Васе Анакиев, како и смс-пораки, а САКАМДАКАЖАМ.МК присуствуваше на изведувањето докази од вибер-комуникацијата и на едно видео.
Во таа комуникација тој најнормално зема мито и за работи кои не се во доменот на неговата висока функција, па прикажа како продава диплома за факултет по цена од 9.000 евра.
Во комуникација на 25 јануари 2026 Анакиев му пишува на лице меморирано во именикот како Љупчо: „4.500 однапред, 4.500 на зимање. 180 кредити ќе биде Економски факултет. Треба само 180 кредити. Што има средно“?
Потоа Анакиев и Љупчо зборат за Европски факултет, тој бара и други податоци за да посредува при уписот на факултет. Му бара и државјанство, изводи и друго.
Во друга комуникација, Анакиев средува за тендер за Мантово, бара нешто „да се проба со стара дата”. Потоа средува за Селце до Драгоево, за земање земјиште под закуп.