Новиот модел за субвенциониран студентски оброк би можел да почне да се применува од 1 октомври 2027 година, ако го прифатат студентските собранија, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Дотогаш студентите ќе продолжат да добиваат по 140 денари. Дали износот ќе се зголеми уште во текот на оваа академска година, Јаневска не прецизира. За усогласување со инфлацијата, поради кое се поднесени тужби до Управниот суд, вели дека МОН ќе постапи според судската одлука.
Според предлогот што го разработува Владата, студентите би добиле повисока субвенција, но Јаневска не кажа колкав би бил новиот износ. Кај трговците што ќе бидат избрани би имале и попуст, кој би можеле да го користат и откако ќе ги потрошат парите за студентски оброк.
„Тие ќе добијат покачување на 140-те денари, но поважно е што ќе добијат попуст од 20% на парите кои тие ги користат како субвенција во операторот кој ќе биде избран – продавница, бурекџилница, што и да е – и плус 20% попуст на своите пари што ќе ги трошат да купуваат во тој оператор откако ќе го потрошат студентскиот оброк“, рече Јаневска.
Министерката најави средба со новиот претседател на Студентското собрание на УКИМ, а потоа и со претседателите на студентските собранија на сите универзитети. На прашањето дали студентите ќе мора да чекаат уште десет месеци за повисок износ, таа одговори дека тоа ќе зависи и од нивниот став, а во меѓувреме „140 денари секако ќе добиваат“.
Во Законот за субвенциониран студентски оброк, како што беше посочено во интервјуто, пишува дека износот се усогласува со стапката на инфлација по секоја фискална година, а пред донесувањето на буџетот за следната година. На прашањето зошто три години нема усогласување, Јаневска одговори дека во законот е утврден износот од 140 денари, кој МОН го исплаќа, но и дека не е наведено чија обврска е усогласувањето. Според неа, МОН можеби ќе побара толкување од Собранието.
Таа рече дека невладиниот Форум за образовни промени поднел две тужби, а дека тужбата од Либерално-демократската партија сè уште не пристигнала во Министерството.
„МОН не може да носи управен акт оти законот не му дава такво право. И има две тужби. Ќе почекаме да видиме што ќе одлучи судот, веројатно ќе стигне и третата. Како ќе одлучи судот ние така ќе постапиме, тука нема дилема“, рече таа.
Според Јаневска, усогласувањето само за годинава би донело зголемување од седум денари. На забелешката дека 140 денари денес немаат иста вредност како пред три и пол години, таа одговори: „Од пред три и пол години е 161 денар. Од 140 ќе отиде на 161 денар“.
Со предлог-буџетот за 2027 година се предвидени дополнителни два милиона евра за студентски стандард. Јаневска вели дека парите се планирани за повеќе намени, но дека дел може да се искористат и за студентскиот оброк доколку се постигне поинакво решение.
Промената на моделот министерката ја образложи и со наодите од анализа на организацијата „Вестминстер“, која, според неа, ѝ била презентирана, но сè уште не е јавно објавена. Како што рече, дел од анкетираните студенти и родители кажале дека парите од субвенцијата се користат и за други намени.
„Идејата е дека тие средства што државата ги дава на студентите треба да се користат за вистинската намена. И ако од 1 октомври, а јас сум длабоко убедена дека ние ќе почнеме со новиот модел, тие средства децата ќе си ги користат за оброк, плус ќе имаат 20% попуст и на тие средства и на сè друго што ќе си купат во таа продавница“, рече Јаневска.