Тошковски: Безбедноста на новинарите е предуслов за слободни медиуми и силна демократија

by irena 13:18
13:18

Во Скопје денеска се одржа конститутивниот состанок на Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите, со што официјално започнува работата на новиот меѓуинституционален механизам за унапредување на безбедноста на новинарите и медиумските работници во Македонија. Комитетот е формиран по иницијатива на Владата, во согласност со европските стандарди и препораките на Советот на Европа, со цел зајакнување на превенцијата, заштитата и институционалниот одговор на заканите, притисоците и нападите врз новинарите.

На настанот свое обраќање имаше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој истакна дека слободното и безбедно новинарство е еден од основните предуслови за функционирање на демократското општество, во кое институциите мора да бидат отворени за прашања, критики и контрола од јавноста.

„Слободното и безбедно новинарство не е привилегија на новинарите, туку право и потреба на секое демократско општество. Новинарите се тие што поставуваат прашања во име на јавноста, откриваат неправилности, бараат одговорност и им овозможуваат на граѓаните да носат одлуки врз основа на точни и проверени информации. Силата на една институција не се гледа во тоа колку е пофалена, туку во тоа колку е подготвена да биде прашана, проверена и повикана на одговорност“, нагласи министерот Тошковски.

Тој посочи дека формирањето на Комитетот е дел од определбата на Владата за системско унапредување на медиумските слободи и заштитата на новинарите, во согласност со Препораката на Советот на Европа од 2016 година, која ги утврдува четирите основни столба на националните механизми за безбедност на новинарите: превенција, заштита, гонење на сторителите и промоција и едукација.

Министерот ја истакна и досегашната соработка на МВР со новинарската заедница, особено со Здружението на новинарите на Македонија, преку заеднички активности, обуки и воспоставување механизми за побезбедно извршување на новинарската професија. Во таа насока, назначени се национална фокална точка и локални фокални точки во сите сектори за внатрешни работи, како и контакт-точка во областа на сајбер-безбедноста, со цел олеснета комуникација и навремена реакција при пријавени закани и напади.

„Напад врз новинар поради неговата професионална работа не е само напад врз поединец. Тоа е напад врз правото на јавноста да биде информирана“, порача Тошковски, нагласувајќи дека заштитата на новинарите бара постојана соработка меѓу полицијата, обвинителството, правосудните институции и новинарските организации.

За претседател на Националниот комитет е определен помошник министерот за односи со јавност и стратешки прашања при МВР, Мухамед Исмаиљи, кој истовремено е и национална фокална точка на Советот на Европа за безбедност на новинарите.

Слични вести