Очекувам Јавното обвинителство, можеби и МВР, но во овој случај повеќе Јавното обвинителство да излезе и да каже и објасни до каде е случајот во Охрид и посебно дали воопшто е пристапено кон земање на електронските уреди од роднините на осомничениот и самиот насилник. За да се види и да се проверат оние наводи во кои се тврди дека имало евентуално помагање по сторено кривично дело.
Лидерката на ЛДП Моника Зајкова во видео-интервју за Фокус објаснува зошто во првата реакција за случајот со во Охрид жестоко побара да бидат обезбедени сите докази за соучесништво и помагање во бруталното насилство врз Сара Ѓорѓиевска и информациите што се појавија веднаш потоа, дека имало обиди за покривање на трагите од злосторството.
„Мене не ме интересира кои се родителите и што работат во животот, како се презиваат или од која владејачка или опозициска партија се. Мене ме интересира, ако имало навистина помагање, кривично да одговараат за истото, затоа што не смее да остане неказнето“, вели Зајкова.
Според неа, фемицидот е веќе сериозен општествен проблем. Македонија е трето рангирана земја по број на случаи на фемицид по глава на жител и тоа значи дека проблемот очигледно го има. „И, овде не е прашањето дали некој реагирал, туку зошто не реагирале инсттитуциите, затоа што ние гледаме во сите случаи дека не се изолирани, туку случаи во кои навистина институциите потфрлаат – И, МВР и Центрите за социјална работа не постапуваат. Ние во самата надзорна расправа ние посочивме дека таа мултисекторска соработка и комуникација изостанува. И, сето тоа треба час поскоро да заврши“, тврди Зајкова и посочува дека сите тие како институции имаат обврска да сторат нешто час поскоро за да не ни се повторуваат вакви злосторства и во иднина.
Подготвиле:
З.Фиданоски – О.Костов