Тошковски доби светската награда за проектот „Безбеден град“ во Дубаи

by valentina 11:03
11:03

На официјалната свечена церемонија за доделување на наградите World Police Summit Awards 2026, одржана во рамки на Светскиот полициски самит во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски му беше врачена престижната меѓународна награда „Excellence in Road Safety“, која Македонија ја освои за проектот „Безбеден град“, информираат од МВР.

-Станува збор за значајно меѓународно признание за реформите што Министерството за внатрешни работи ги спроведува во областа на безбедноста на сообраќајот. Проектот „Безбеден град“ претставува системски пристап кон унапредување на сообраќајната безбедност, кој ги обединува современите технологии, законските измени, автоматската детекција на прекршоци и дигитализацијата на постапките, со крајна цел намалување на сообраќајните несреќи и заштита на човечките животи, велат од МВР.

Оттаму додаваат дека министерот Тошковски ја имал честа да се обрати и на воведните обраќања (Welcoming Speeches), пред меѓународни полициски претставници и учесници на самитот. Во своето обраќање ја нагласил важноста на меѓународната соработка во справувањето со современите безбедносни предизвици, истакнувајќи дека иако надлежностите на државните институции имаат национални граници, последиците од нивното дејствување или недејствување ги надминуваат тие граници.

Како конкретен пример за успешна меѓународна соработка, министерот ја посочил заедничката истрага на македонската полиција и ФБИ против нелегалната онлајн платформа OLVX, поврзана со трговија со украдени лични податоци и алатки за сајберкриминал. Потенцирал и дека активностите преземени во Македонија придонеле за дигиталната безбедност на граѓани во Соединетите Американски Држави.

„Големината на една држава не ја ограничува важноста на нејзиниот придонес. Една навремена информација, една успешна истрага или една спречена закана можат да заштитат човечки животи далеку над нејзините граници“, беше една од клучните пораки во обраќањето на министерот.

Screenshot

Слични вести