Наместо денеска, на 24 ноември ќе бидат отворени понудите за набавка на околу 45.000 тони мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Според првично објавената тендерска документација, АД ЕСМ за оваа набавка предвидува околу 42,6 милиони евра со вклучен ДДВ.
Државната енергетска компанија го продолжи рокот за доставување понуди откако заинтересирана страна побарала дополнително време за подготовка на документацијата, прибавување на потребните докази и усогласување со техничките барања.
Во барањето објавено на официјалната интернет-страница на ЕСМ се наведува дека „одредениот рок е недоволен за квалитетна и комплетна подготовка“.
Од ЕСМ го прифатиле барањето, па наместо денеска во 12 часот, понудите ќе бидат отворени во вторник, 24 ноември, во 15 часот.
Според првично објавениот модел на договор, за набавката се предвидени 2.222.689.950 денари без ДДВ, односно 2.622.774.141 денар со вклучен ДДВ. Станува збор за планирана финансиска рамка, а не за вредност на склучен договор.
Предвидено е во првиот месец да бидат испорачани околу 20.000 тони мазут, а во вториот 25.000 тони. Количините не се конечни, бидејќи ЕСМ го задржува правото да ги зголеми или намали во зависност од потребите, во рамките на предвидените финансиски средства.
Единствен критериум за избор на најповолна понуда е најниската цена, а за учество е потребна банкарска гаранција од 23 милиони денари.
Цената на мазутот ќе се формира согласно важечките одлуки на Регулаторната комисија за енергетика, додека понудениот попуст и цената на превозот ќе останат фиксни во текот на договорот.
Избраниот добавувач ќе треба да започне со испорака најдоцна 48 часа по добивањето на писмената нарачка од ЕСМ.
ТЕЦ Неготино располага со инсталиран капацитет од 210 мегавати и користи мазут за производство на електрична енергија. Според годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика за 2025 година, термоелектраната работела до април 2023 година, а во 2024 и 2025 година не произведувала електрична енергија.
Од тендерската документација не може да се утврди кога точно термоелектраната ќе започне со производство, колкаво количество струја ќе произведе и дали тоа ќе влијае врз цената на електричната енергија за домаќинствата.