На најголемите страници за огласи на интернет во Македонија може да се најдат десетици понуди за гробни места на гробиштата во Бутел, во Ѓорче Петров и во Камник, кои се наоѓаат во Скопје, но и ширум Македонија. Цените, што за продавање, што за отстапување и изнајмување достигнуваат од 2.500 до 5.000 евра.
Во Тетово, пак, се продава гробно место лоцирано на градските гробишта, кое чини 6.000 евра, но сопственикот пишал дека цената не е фиксна, па може да се преговара.
Далеку пониска е цената на гробните места во Велес, барем на оние што се продаваат преку интернет – 10.000 денари за гробно место на гробиштата во кругот на црквата „Св. Спас“.
Со гробиштата во Бутел, Камник и Ѓорче Петров стопанисува и раководи акционерското друштво за погребни и придружни активности АД Бутел, кое во својот ценовник за гробни места има далеку пониски цени од оние кои сопствениците ги продаваат на интернет. Гробно место чини 200 евра преку АД Бутел, а граѓаните ги продаваат за десеткратно повисока сума.
Законот од 2008 година ги укина старите договори на определено време заради рационално искористување на просторот.
Правото на употреба на ново гробно место кај управителот Бутел АД Скопје денес се стекнува исклучиво во момент на настапена смрт преку склучување договор на неопределено време, додека однапред може да се стекне само преку пренос на веќе постоечко гробно место од едно на друго лице, а тоа според Законот за гробишта и погребални услуги е регулирано само со изјава заверена на нотар без никакви други услови.
Новите сопственици, кои ги купуваат гробните места и за тоа плаќаат солени суми, добиваат право на користење врз основа на оваа изјава, но законот не дозволува да бидат сопственици на земјиштето.
„Фокус“ ја праша Нотарската комора на Македонија каков правен акт заверуваат нотарите кога пренесуваат гробно место за одредена сума за пари и дали станува збор за „изјава за отстапување право на користење“ без надоместок.
„Гробните места се добра во општа употреба и не можат да бидат предмет на купопродажба. Според Законот за гробишта и погребални услуги, физичките лица не стекнуваат сопственост, туку право на употреба на гробно место како лична службеност, востановена на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија. Носител на гробното место е физичкото лице кое го има ова право. Според овој Закон, доделувањето на употреба на гробно место, како лична службеност се врши врз основа на договор склучен меѓу управителот на гробиштата и носителот на гробното место, на неопределно време.
Според член 19 став (6) од Законот, носителот на гробното место може да го отстапи правото на употреба на трети лица врз основа на изјава заверена од нотар. Носителот ја доставува изјавата до управителот на гробиштата, кој потоа склучува нов договор за доделување на употребата со лицето во чија корист е дадена изјавата.
Од наведеното произлегува дека нотарот заверува единствено едностран акт: изјавата на носителот на правото на употреба, а не договор за купопродажба или друг двостран договор за пренос на сопственост. Законот не предвидува обврска за нотарска заверка на договорот меѓу управителот на гробиштата и носителот на гробното место, па затоа странките не се обраќаат кај нотар за таа услуга.
Нотарот ја заверува изјавата во согласност со член 86 од Законот за нотаријатот, независно од евентуалните договорни односи меѓу страните за надоместок. Таквите односи не се предмет на нотарска заверка според овој закон, ниту пак влијаат на правната природа на актот што се заверува“, се вели во образложението од Нотарската комора.
Од Нотарската комора објаснуваат дека кога од нотарот е побарана заверка на потпис, на пример на изјава, нотарот го утврдува идентитетот на потписникот и потврдува дека лицето ја потпишало исправата во негово присуство или го признало потписот како свој. Нотарот не е должен да испитува дали зад изјавата се крие прикриена купопродажба.
„Според став (4) од истиот член, при заверка на потпис или ракознак нотарот се запознава со содржината на исправата само во обемот потребен за пополнување на рубриките во Уписникот за заверки и потврди. Нотарот не одговара за содржината на исправата и нема обврска да испитува дали учесниците се овластени да ја преземат правната работа. Во согласност со став (5), нотарот е должен да ја извести странката дека заверката се однесува единствено на потписот или ракознакот.
Од наведеното произлегува дека при заверка на потпис на изјава дадена од носителот на правото на употреба на гробното место, нотарот не е должен да испитува дали зад изјавата се крие прикриена купопродажба. Тоа особено што гробното место е во државна сопственост и како такво не може да биде предмет на продажба. Заверената изјава носителот ја доставува до управителот на гробиштата, кој е надлежен да склучи договор за доделување на употребата со лицето во чија корист е дадена изјавата“, велат оттаму.
Во согласност со член 86 од Законот за нотаријатот, при заверка на потпис на изјава нотарот потврдува дека потписот припаѓа на лицето што ја дало изјавата и притоанема законска обврска да проверува огласи за продажба, ниту да испитува сомнежи за даночно затајување.
„Со заверката на едностраната изјава, нотарот не утврдува дали меѓу лицата имало плаќање. Прашањето дали постои даночна обврска и дали има основи за сомневање за даночно затајување е во надлежност на даноните органи и јавното обвинителство.
Постапката за пренос на правото на употреба на гробно место е јасно уредена во Законот за гробишта и погребални услуги. Надвор од законски уредената постапка, Нотарската комора нема сознанија за злоупотреби на ова право, бидејќи улогата на нотарите е ограничена на заверка на изјавата.
Доколку во пракса постојат проблеми, потребно е прашањето да се разгледа со органите надлежни за спроведување на постапката, со цел да се донесат решенија што ќе спречат идни злоупотреби на земјиште во државна сопственост“, потенцираат од Комората за „Фокус“.
О.К.