Мицкоски од Брисел побара праведлив и предвидлив пат за ЕУ

by jadranka 20:02
20:02

Премиерот Христијан Мицкоски денес учествуваше на форум за проширувањето во Брисел, на кој беа исто така и претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, еврокомесарката Марта Кос, претседателјката на Молдавија, Маја Санду, претседателот на Финска, Александар Стуб, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и други лидери.

Премиерот Мискоски за настанот извести преку социјалните мрежи, порачувајќи дека проширувањето на Европската унија претставува геостратешки императив и долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста на европскиот континент.

„Овој процес мора да остане заснован врз постигнатите резултати, но истовремено да биде подинамичен, праведен и предвидлив. За Македонија, европската интеграција е стратешка определба и долгорочен национален интерес. Нашата посветеност на реформите, заштитата на националните интереси и исполнувањето на европските стандарди мора да бидат проследени со јасна и кредибилна европска перспектива“, напиша Мицкоски.

Еврокомесарката Кос во своето кратко обраќање рече дека во светов што се менува многу брзо, оставањето празнини на картата на Европа повеќе не е опција. Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен порача дека приемот  на нови земји во нашата Унија повторно е дел од оваа приказна.

„Тоа е шанса да изградиме посилна Европа, способна да ја обликува својата иднина.Мора да ја покажеме истата амбиција и решителност што ја покажаа лидерите пред 30 години“, рече Урсула фон дер Лајен.Фон дер Лајен нагласи дека претходните рунди на пристапување донесоа зголемен просперитет и стабилност и за новоприклучените и за сегашните земји-членки.

Молдавската претседателка Санду, пак, настапи оптимистички оценувајќи дека патот на Молдавија кон ЕУ е амбициозен и остварлив.

„Тоа го докажавме со секоја спроведена реформа и ќе го продолжиме темпото“, најави Санду. лидер на земја која не беше ни перцепирана воопшто како можна членка на Унијата до неодамна.

Најдобриот начин  ЕУ да има посилен глас и влијание на светската сцена е проширување на блокот со нови членови како Украина, изјави финскиот претседател Александар Стуб на Форумот. Според него, проширувањето не треба да се гледа само како технички процес, туку и како стратешки и геополитички инструмент.

„Моќта е во големината. Колку е поголема ЕУ, толку поголема глобална моќ можеме да проектираме“, рече Стуб, додавајќи дека пристапувањето на Украина носи придобивки надвор од непосредната потреба на Европа за посилен глас на светската сцена.

Кос, на прес-конференција ги нагласи специфичните придонеси што земји како Украина и Молдавија ги даваат за европската безбедност. Во случајот со Украина, таа носи „една од најсилните и најтестираните армии во Европа“, рече Кос, додека Молдавија носи со себе „неспоредливо искуство во борбата против когнитивната војна“.

Поконкретно, Лајен изјави дека за првпат по многу години, пред нас стои реална можност за проширување, дека Црна Гора се приближува кон завршните фази од преговорите за пристапување, Албанија бележи импресивен напредок, додека Молдавија и Украина напредуваат на својот европски пат, и покрај огромниот притисок. Според неа, земјите од Западен Балкан преземаат важни чекори кон членство во Унијата.

„Ова е нов замав, а со него доаѓа и шанса да се обединат народите на Европа, да се изгради Унија во која повеќе Европејци ќе можат да живеат во слобода – каде што децата ќе можат да растат во мир и просперитет, и каде што ние самите ќе можеме да одлучуваме за нашата иднина. Мораме да ја искористиме оваа можност. Мораме да покажеме иста амбиција каква што покажаа лидерите пред 30 години, како и иста решеност за успех во проширувањето“, изјави Урсула фон дер Лајен.

Претседателката на Европската комисија нагласи дека Европската унија мора да биде подготвена за проширување.

„Мораме да се зафатиме со практична работа на два фронта, почнувајќи од процесот на донесување одлуки. Една поголема Европска унија мора да остане Унија способна за дејствување. Не смееме да си дозволиме одолговлекување – особено не во време кога Европа треба брзо да одговори на толку многу глобални предизвици. Нашите постоечки меѓународни договори веќе ги нудат алатките за подобрување на ефикасноста при донесувањето одлуки. Мораме да ги искористиме“, истакна таа.

Таа додаде дека „се модернизира и начинот на кој државите можат да ѝ се приклучат на нашата Унија“.

„Овде имаме две цели. Да ја искористиме интеграцијата што е можно порано. И да обезбедиме нашите заеднички правила да продолжат да се почитуваат дури и по процесот на пристапување. Веќе видовме какви огромни економски придобивки може да донесе интеграцијата. Па, зошто граѓаните би морале да чекаат до крајот на процесот на проширување за да ги почувствуваат тие придобивки од прва рака? Ова е темелот на нашиот План за раст и на нашиот пристап кон постепена интеграција. Европа отвора сектори од Единствениот пазар, а за возврат, земјите во процес на проширување спроведуваат клучни реформи за да добијат рамноправна позиција на Единствениот пазар на нашата Унија. Сето ова е проследено со значителни инвестиции“, појасни  Лајен.

Истовремено, претседателката на Европската комисија нагласи дека „обврските преземени пред пристапувањето во Унијата мора да останат на сила и откако ќе се стекне членство“.

„Ова е лекција што ја научивме во текот на изминатите неколку децении. Основните принципи, како што е владеењето на правото, мора да се почитуваат секојдневно. Токму затоа нудиме посилни заштитни механизми по пристапувањето. Секоја земја-членка мора да ги исполнува обврските што ги презела при приклучувањето кон нашата Унија. Понатаму, секое проширување мора да ја направи Европа посилна. Овие промени ќе помогнат следното проширување да биде успешно за сите“, заклучи таа.

Марта Кос, пак, оцени дека „годинава постигнавме поголем напредок во однос на проширувањето отколку во која било друга година од 2002 година наваму“.

„Време е да ја подготвиме нашата Унија за прием на нови членки. Проширувањето ни дава можност да изградиме посилна Европа, способна сама да ја обликува својата иднина“, изјави еврокомесарката за проширување. Таа изрази оптимизам дека Црна Гора ќе ја оствари својата цел и ќе ги затвори сите преговарачки поглавја до крајот на годината.

Одговарајќи на прашања од хрватски новинари во пресрет на Форумот за проширување на ЕУ – конкретно за тоа дали Европската комисија има „План Б“ доколку отворените прашања меѓу Хрватска и Црна Гора останат нерешени, Кос нагласи дека Комисијата ја поддржува целта за затворање на сите поглавја до крајот на декември.

„Останувам оптимист дека можеме да ја оствариме амбициозната цел на Црна Гора и ја поддржуваме визијата преговорите да завршат до крајот на годината“, рече Кос.

Кос напомена дека во моментов се водат разговори меѓу Загреб и Подгорица.

„До крајот на годината остануваат уште месец и половина; иако јас и мојот тим сме одговорни за процесот на пристапување, свесна сум и дека меѓу Хрватска и Црна Гора се одвиваат многу активни билатерални разговори. Веќе се преземени одредени чекори и се надевам дека ќе следат и други“, изјави Кос.

Кос, исто така, одговори на прашање во врска со концерт одржан пред почетокот на Форумот, на кој беше пуштена српската националистичка песна „Ој Косово, Косово“, што предизвика приговори од страна на косовските претставници.

„Ова допира до чувствителни чувства, особено имајќи ја предвид болната историја и различните искуства на заедниците на Косово – кои исто така потекнуваат од овој регион – и сакам да нагласам дека оваа песна на ниту еден начин не го одразува ставот на Европската комисија, ниту пак мојот личен став во однос на Косово и неговата историја“, истакна Кос.

Таа напомена дека „ЕУ продолжува да го поддржува Косово на неговиот европски пат“.

Слични вести