Жена, живот, слобода

До кога вака? До кога жените ќе бидат жртви на силата на мажите? До кога, во 21 век ќе ги броиме жртвите на фемицид, за која државата и власта не преземаат буквално ништо. Каде живееме, каде растеме деца, каде ја бараме иднината на нашите деца. Во држава каде се е сведено на крв и насилство.И, сите нè мачи истото прашање, зар не. Не се чувствуваме безбедно во сопствената држава.

by irena 20:00
20:00

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Жената повторно жртва на машката сила. Овојпат во Охрид. Младата Сара била претепана до бесознание од нејзиниот дечко Кристијан Корубоски, кој е син на поранешна антикорупционерка и инспектор во УЈП.  Таа била безмилосно претепана, фрлена на улица и оставена да умре. Заврши во болница и едвај остана жива.

Според сведоштвото на нејзината мајка, 31-годишниот насилник, додека нејзината ќерка била во бессознание, мислел дека е мртва и стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело. Мајката тврди дека таткото му давал насоки како да го направи тоа. Таа наведува и дека телефонот на девојката бил намерно искршен, со што ѝ била оневозможена можноста да повика помош. Во објавата пренесува и зборови што, според неа, ќерка ѝ ги слушнала додека била во беспомошна состојба: „Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“ Таа наведе дека семејството на осомничениот има конекции со владејачката ВМРО-ДПМНЕ и побара да нема протекции како резултат на тоа.

Дали е можно некој родител да се дрзнал на сопственото дете да му ги каже овие зборови? Дали таткото му кажувал на сопствениот син како да се ослободи од претепаната девојка? Дали фаќаат врски за нивното дете да остане на слобода? Морници ме лазат од самата помисла дека некоја ЖЕНА – МАЈКА, расте такво синче каде го поддржуваат и нормализираат тоа што го направил на сопствената девојка, за малку да ја убие. И тоа за нив е нормално!? Каде живееме, каде растеме деца, каде ја бараме иднината на нашите деца. Во држава каде се е сведено на крв и насилство.

Пред повеќе од десетина дена, седумнаесетгодишната Билјана Кириќ од Богданци беше пронајдена мртва во опожарен автомобил, убиена од своето поранешно момче, кое потоа се самоуби. Убиена, па запалена. Страшно, жално, морничаво…

Уште еден прерано згаснат млад живот, уште еден фемицид, уште една незаштитена, и тоа 17-годишна девојка, која во цутот на младоста заврши мртва од рацете на тој што претходно била во врска, а од кој последните месеци упорно барала спас, и од институциите, и од системот.

Каде биле тие кога девојчето барало помош? Пријавила закани и се плашела дека животот ѝ е загрозен. Зошто реагираме секогаш кога ќе биде предоцна, ако воошто и реагираме. Девојчиња, замислете девојчиња, и тоа на 17 години ги губат животите затоа што системот не ги заштитил. Доста е да броиме фемициди. Доста е институциите да се будат кога веќе нема кого да спасат. А, што е најстрашно, не се ни разбудиле.

Трагичен крај на еден млад живот, зацрнето уште едно семејство, седми по ред фемицид од почетокот на годинава, и сето тоа поминува како ништо да не се случило. И оваа трагична млада смрт предизвика бурни реакции во јавноста, жените се кренаа на протести, но системот така како што е поставен, не мрда од мртва точка. До кога вака? До кога жените ќе бидат жртви на силата на мажите? До кога во 21 век ќе ги броиме жртвите на фемицид, за која државата и власта не преземаат буквално ништо. И, сите нè мачи истото прашање, зар не. Не се чувствуваме безбедни во сопствената држава.

Билтените на полицијата секојдневно се полни со пријави за семејно насилство, претепани жени на секој чекор, а државата нема никаков закон за да ги заштити. Ќе се најде некој од семејните насилници осум дена зад затворски решетки, и тоа е тоа. Крај, сме го решиле проблемот. Но, што по тие осум дена кога ќе излезе. Ќе ја дотепа, ќе ја убие. Уште колку имиња треба да научиме, за институциите да преземат одговорност? Битно, ние бистриме висока политика.

На каде и да се свртиш, сè е гнило и црно, само на премиерот Христијан Мицкоски и на неговата влада силно им светнал ден, сè е убаво, државата цвета, трета економска сила сме во светот, реформите растураат… Растура криминалот и корупцијата, друго тешко. Не можеме многу да се пофлиме и со последниот извештај од Европската комисија, ама само на првиот човек во владата му се чини дека е добар или, пак, само така си се теши.

Во држава во која сè се распаѓа, Мицкоски се „уби“ од фалење, а реално ние сме за жалење. И да го оставиме сето тоа настрана, во меѓувреме нашиот премиер е експерт на секое поле. Всушност, сезнајко. Еден ден намалува нафта, друг ден решава истраги, трет ден е регулатор, четврт ден е професор. Сè по потреба. Ама, па и ние неблагодарни, нели сè прави човекот само да продолжи да тече мед и млеко низ државата.

Доста беа шеги, време е да се вратиме малку во реалноста и да си признаеме дека сме една нефункционална држава, со нефункционален систем, која пука по сите шевови.

Работата е отидена до таму што стадо крави ја окупираа цела Крива Паланка. Па, замислете, ние со години не можеме да ја добиеме ни битката со кравите, кои го запоседнале градот и прават штети на секој чекор, а не, пак, да решиме некој поголем проблем. Сиротиот народ проплака, се бара прогласување на 30-дневна криза, ама затоа, пак, кравите на мисицата ја окупирале Паланка и нема спас од нив. Е, до толку нè бива. Да не е жално, ќе биде смешно.

Тешко на овој народ со ваква власт, со ваков урнисан систем и уништени и корумпирани институции. Сепак, најстрашно е што ќе продолжиме да ги броиме жртвите и да си играме држава, а од држава немаме ни Д.

 

Слични вести