Софија Беловска најуспешна меѓу 18-те македонски шахисти на Европското првенство за млади во Крит годинава

by valentina 11:03
11:03

Софија Беловска е најуспешната млада шахистка од сите македонски претставници на Европското младинско првенство во шах.
Меѓу 18-те македонски претставници, таа освои најмногу поени и најдобар резултат – шест од девет партии.

Во конкуренција на 98 девојчиња до 10 години од Европа, Беловска заврши во делба на 11. место според освоените поени, со пет победи, две ремија и само два пораза.

Три победи во низа ја внесоа Беловска во борбата за пласман меѓу десетте најдобри шахистки во нејзината категорија. Во шестото коло ја совлада белоруската шампионка Кристина Шајунова, во седмото ја победи германската вицешампионка Варвара Сигачева, а веднаш потоа во претпоследното коло, на десеттата табла, славеше и против шампионката на Германија, Ана Валентина Оздемир.

Во последното коло, на шестата табла, Беловска играше со црните фигури и ремизираше со турската шампионка Бера Јилмаз. Иако партијата ја играше и во материјална и позициона предност до самиот крај, сепак во притисок од времето направи грешка и ремизираше. Победа ќе ѝ донесеше 6,5 поени и рангирање меѓу 5-10 место, што би била вистинска сензација и историски успех за нашата држава. Со ремито, Беловска се најде во групата од 11 шахистки со по шест поени. Редоследот го одреди Бухолц, дополнителен критериум што се пресметува врз основа на резултатот на противничките. Според него, Беловска е 21. на официјалната конечна листа.

Во првите пет кола Беловска ги победи Беатрис Гонсалвеш, португалска шампионка во брз шах до 10 години, и Асја Јавуз, бронза на турското првенство за девојчиња до 9 години. Ремизираше со Сесилија Агнеш Бихари од Унгарија, а двата пораза ги претрпе од Наталија Матвиенко од Украина и од Ела Карио од Франција.

Според освоени поени, зад Беловска се Моника Жежовска и Давид Атанасовски со по пет од деветте одиграни партии. Атанасовки ги подгреа очекувањата за поголем успех уште на првата партија кога ремизираше против Фиде мајсторот Андре Томас од Словачка. Мајкл Бурнс, Џошуа Бенџамин Бурнс, Илијана Велева и Калин Стаменковски освоија по четири поени. Останатите македонски претставници завршија со еден до три и пол поени од девет партии.

Шесте поени на Софија Беловска од ова шаховско првенство се меѓу најдобрите македонски резултати на европските првенства за млади во последните десетина години. Според прегледот на македонските настапи на млади шахисти, ист број поени единствено постигнал Емил Ристески, денес интернационален мајстор кој важи за еден од најталентираните македонски шахисти. На Европското првенство во Анталија во 2022 година тој освои шест поени од девет партии и заврши на 13. место во отворената категорија до 18 години.

Деветте кола годинава се одиграа од 3 до 12 ноември во комплексот „Ројал енд Империјал Белведере“ во Херсонисос, на грчкиот остров Крит. На првенството се играше во шест возрасни категории, од 8 до 18 години, во женска и во отворена конкуренција.

Слични вести