Собранието повторно ќе ја одржи 130. седница, резервирана за пратенички прашања на опозицијата, откако координаторите на пратеничките групи постигнаа договор на средба со собранискиот претседател Африм Гаши.
Одлуката следува по бурните реакции на опозицијата, која обвини дека на пратениците им било оневозможено да поставуваат прашања до претставниците на Владата и дека бил изигран собранискиот Деловник, објави 4news.mk
„Дозволете ми пред да почнеме со работа на координација, се согласивме 130-тата седница ќе продолжи и ќе ги повториме прашањата на пратениците“, изјави Гаши.
Од опозицијата порачаа дека нема да отстапат од своите барања, нагласувајќи дека почитувањето на собранискиот Деловник не смее да зависи од волјата на парламентарното мнозинство.
Во меѓувреме, Собранието ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за јавни набавки, за кој претходно претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпиша указот.
По скратена постапка беа усвоени и измените на Кривичниот законик, кои претставуваат преодно решение до донесувањето на нов Кривичен законик, предвидено најдоцна до јули 2027 година.
Со измените се имплементираат препораките на МАНИВАЛ (MONEYVAL) во областа на спречувањето на перењето пари и финансирањето на тероризмот, со цел да се обезбеди непречено членство на земјата во Единствената европска платежна област (СЕПА).
Пратениците го ратификуваа и Договорот меѓу Македонија и Албанија за воспоставување заеднички гранични премини и спроведување заедничка гранична контрола.