Додека паланечките крави мукаат по улиците, државата блее!

Наместо државата да им најде чаре на 600-те крави што слободно шетаа низ Кривопаланечко, три години подоцна, резултатот е дека проблемот се удвои, односно говедата се размножија и ја надминаа бројката над 1.000. Ситуацијата станува алармантна поради што се бара прогласување кризна состојба и ангажирање на Армијата.

by valentina 18:09
18:09

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, на 5 ноември 2026 година, во бројот 1622.

Повеќе од една деценија, државата не може да најде решение за проблемот со стотиците крави во Крива Паланка, кои во изминатиот период, освен нивите и планините, го запседнаа и центарот на градот. Ги има буквално насекаде. Крави, волови и телиња слободно се шетаат по уредениот градски кеј, минуваат и низ плоштадот, а секојдневна рутина за корзо им се и прошетките низ улиците.

Овие животни, покрај тоа што предизвикуваат штети на земјоделските поседи, претставуваат и огромна опасност и за сообраќајот, бидејќи поради нив се предизвикани неколку сообраќајни несреќи.

Ако до пред година-две, нивниот број беше околу 600, сега проблемот е умножен. Односно, проценките се дека се дури 1.000 на број.

-Со текот на времето, ситуацијата со кравите како да стана нормална, а воопшто не е, вели Сашко Митовски, градоначалник на Крива Паланка, кој повторно бара помош од државата за целосно решавање на проблемот.

Тој појаснува дека бројот на кравите е зголемен, бидејќи тие слободно се размножувале, па проценките се дека има над 200 нови.

Митовски за „Фокус“ посочува дека се чувствува немоќен сам да го реши проблемот, а поради надлежностите што ги има државата, бара поактивно и итно да се вклучат сите надлежни државни институции.

Клучното барање на општината е да се прогласи кризна состојба, а доколку е потребно да се ангажира и Армијата во решавање на проблемот.

 НАМЕСТО ДРЖАВАТА ДА ГО ИЗБРИШЕ ПРОБЛЕМОТ, СЕ РАЗМНОЖИЈА КРАВИТЕ

Штом се бара помош и од војската, не е тешко да се заклучи дека ситуацијата е алармантна. Можеби не станува збор за воена состојба, но нешто налик тоа, бидејќи граѓаните, оставени со голи раце, се немоќни самите да се справат со тешката говедска артилерија. Општинскиот кризен штаб, на последната седница алармираше дека околу 1.000 грла крупен добиток неконтролирано се движат низ општината, предизвикувајќи штети на земјоделските насади, приватниот и општинскиот имот и создаваат ризици за безбедноста на граѓаните и сообраќајот. Затоа утврдија неколку барања, препораки и рокови за координирано постапување на надлежните институции.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство побараа извештај за извршувањето на правосилните и извршни решенија за одземање на животните, односно да одговорат колку досега животни се одземени. Исто така, од АХВ бараат да достават оперативен план по денови, со определени теренски екипи, локации, потребна опрема, транспортни возила и капацитети за сместување.

-Побарано е координираните теренски активности да почнат најдоцна до петок и да продолжат до целосно спроведување на мерките, појаснуваат од кризниот штаб.

Од МВР, пак, е побарано да обезбеди видливо полициско присуство и асистенција при акциите, согласно законските овластувања и безбедносната процена, а од владата да прогласи кризна состојба.

-Општинскиот кризен штаб ѝ препорачува на владата, по спроведување на потребната процена и законска постапка, да донесе одлука за постоење кризна состојба во траење од 30 дена на територијата на Општина Крива Паланка. Препораката има цел да обезбеди единствен оперативен план, дополнителни ресурси, јасни институционални одговорности и финансиска поддршка за трајно решавање на проблемот.

Во таа насока, предложено е преку ребаланс на Буџетот да се обезбедат потребните средства за постапувањето на Агенцијата за управување со одземен имот. Од АХВ е побарано да достави финансиска пресметка за активностите од својата надлежност и да иницира надминување на нормативните пречки поврзани со транспортот, сместувањето и продажбата на одземените животни, истакнуваат од кризниот штаб.

Градоначалникот Митовски појаснува и дека доколку се утврди недостиг од цивилни ресурси и исполнетост на законските услови, да се разгледа и соодветна поддршка од дел од Армијата.

Исто така, се повикуваат и граѓаните да ги пријавуваат штетите и движењето на стадата и да соработуваат со надлежните екипи, почитувајќи ги нивните стручни насоки.

Од кризниот штаб додаваат и дека е предвидено известување на надлежното јавно обвинителство и поднесување пријава до Државниот управен инспекторат за испитување на постапувањето по правосилните и извршни решенија.

-Доколку до 7 ноември не почнат конкретни и документирани теренски активности, Општината ќе поднесе кривична пријава за испитување на евентуалната одговорност на надлежните службени лица. Ќе се подготвува и документација за остварување надомест на причинетата штета, велат од кризниот штаб.

ДОСЕГА БИЛЕ СОБРАНИ САМО 80 КРАВИ

На прецизните барања и насоки од општината, засега нема одговори од државните институции. Од владата, до затворање на неделникот, не одговорија на прашањата на „Фокус“ дали ќе биде прогласена 30-дневна кризна состојба во општината и на кој начин ќе помогнат во справувањето со оваа криза? Исто така, ниту од Агенцијата за храна и ветеринарство не одговорија колку крави досега биле запленети и каков е планот за следниот период?

Иако на прв поглед можеби станува збор за локален проблем, сепак неговото решение е системско. Во 2023 година се смени Законот за благосостојба на животните, па со измените беше овозможено државата да ги одзема животните што не се згрижени. Но, оттогаш на дело се гледа и немоќта на државата, која не ја промени сликата на терен, бидејќи за целиот овој период, според нашите информации, биле собрани само околу 80 крави.

Инаку, почетоците на овој невообичаен проблем се од пред 15-наесетина години, тој ескалира во изминатите две-три години.

Според жителите во Кривопаланечко, стадото со години се движи неконтролирано по ниви, ливади, приватни дворови и покрај магистралниот пат кон Бугарија. Дел од нив честопати „нелегално“ ја минуваат и границата поради што локалниот проблем доби меѓународна димензија.

Државата, пред речиси три години, формално ги одзеде кравите од сточарот Гоце Ѓорѓиевски и од неговите три ќерки, но само на хартија.

Агенцијата за храна и ветеринарство има правосилна одлука за одземање на животните поради прекршување на Законот за заштита и благосостојба на животните, но таа мерка не е спроведена.

Решението на Агенцијата за храна и ветеринарство е донесено на 25 јануари, а правосилно станува на 17 април 2024 година.

Во решението стои дека добитокот наводно не бил чуван во соодветни услови, со што бил прекршен Законот за благосостојба на животните.

Институциите, во мисијата тргнаа со слаби ресурси, а наидоа и на отпор на терен од спствениците, кои го попречуваа фаќањето на животните. Против сопствениците има и поднесено и неколку кривични пријави, но засега без судски еполог.

ИМА СУДСКИ ПРОЦЕС, НО НЕМА ПРЕСУДА

Ѓорѓиевски, бизнисот со крави го почнал пред повеќе од една деценија, и на почетокот немал повеќе од 20. Но, со годините, стадото се размножувало и почнало без надзор да се движи низ околните села. Оттогаш почнуваат проблемите на локалните жители со семејството Ѓорѓевски по што видеа од инцидентите беа објавувани и на социјалните мрежи.

Минатата година, една од сопственичките, Јулијана Ѓорѓиевска ја раскажа и својата страна на приказната. Според неа, проблемот почнува во 2021 година, кога нејзиното семејство како регистриран одгледувач добило забрана за продавање, а обвинителството им ги одзело сите пасоши на кравите поради кривична пријава поврзана со добивањето субвенции за кравите.

-Тогаш бројката беше од 150 до 200, но тие природно се множат сега. Се множат, а не можеш да продаваш, не можеш да земеш субвенции и одиш во колапс, имаш големи трошоци за одгледување. Ние, дневно трошиме по 50 евра за гориво.

Во 2024 година нè обвинија дека немаме доволно простор за чување, а зошто немаме, затоа што имаме забрана да продаваме и државата нè ставила во шах-мат позиција и едноставно веќе немаме контрола на таа стока. Решението на АХВ е за одземање на стоката поради несовесно чување. Тие дојдоа на контрола, ни пишаа парични казни од по 60-70 евра за секоја од нас трите сестри, ја плативме и врз основа на таа казна ни прават решение за одземање имот, иако е прекршочна постапка, не е кривична. Да било кривично, можело да постапуваат, но постапката е прекршочна, појаснуваше косопственичката на стадото крави.

Сепак, минатата година, Обвинителството поднесе обвинителен предлог против сопственикот на кравите и двете негови ќерки за „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ согласно член 382 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, осомничените, како соизвршители со сила и сериозна закана спречиле службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство со полициска асистенција да постапат по правосилно и извршно решение за спроведување мерки за одземање домашни животни – крупен добиток. Во обвинителниот предлог се наведува и дека покрај сите досега преземени активности од голем број надлежни државни органи, осомничените, сепак, подолг временски период го малтретираат месното население и соседите, а сега почнуваат дејствија на спречување и кон вработени во надлежни државни органи и инспекциски служби од Агенција на храна и ветеринарство, како и на униформирани полициски службеници.

Сепак, овој случај сè уште нема судска завршница и се суди пред судот во Крива Паланка. Како што дознаваме, дури еден од инспекторите на АХВ се премислил, па сведочел дека не бил попречен во работата, иако на снимките се гледа сосема спротивното.

Како и да е, деновите минуваат, а кравите се размножуваат. Доколку набргу не биде изнајдено ефикасно и брзо решение, кравите се на пат да го освојат градот, но и околината!

КРАВИТЕ ЌЕ СЕ ПРОДАВААТ НА ОГЛАС

Владата неодамна реши Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која е сопственик на заловените крави од Кривополанечко, да ги продава на јавен оглас на кој ќе може да се јават регистрирани кланици и месарници.

Одлуката беше усвоена на владина седница откако АХВ не знаеше што да прави со говедата што ги одзеде од претходните неодговорни сопственици.

Од агенцијата појаснуваа дека владината одлука со која одземените животни ќе може да се продаваат на јавен оглас ќе важи, не само за овие крави од Кривопаланечко, туку и за сите други што ќе бидат одземени од неодговорните сопственици согласно Законот за благосостојба на животните.

Пишувала: Валентина ВУРМО

 

 

 

Слични вести