Бети Ангеловска од Битола, мајка на 21-годишна девојка која минатата недела во полиција пријавила дека била давена и задушувана со голи раце од момчето со кого била во врска и од кого според пријавата – година и половина трпела тепање, закани за убиство и психичко малтретирање, бара итно полицијата да го пронајде осомничениот, бидејќи откако бил пријавен, според нејзинината изјава за порталот „Слободен печат“, осомничениот им избегал на полицајците од полициската станица во Битола наместо да биде задржан.
Во меѓувреме, според пишувањето на порталот, нејзината ќерка се наоѓа во шелтер каде била однесена по проценка на Центарот за социјални работи.
Сепак, кога вчера девојката отишла на суд за да се одлучи дали на пријавениот ќе му бидат изречени мерки во граѓанска постапка што ја повел ЦСР Битола, тој таму не се појавил, па судијата го презакажал рочиштето дури за 18 ноември поради неуредна достава.
Пријавениот останува недостапен на органите, а жртвата што го пријавила е во шелтер центар во страв за животот. Од Обвинителството за „Слободен печат“ изјавиле дека првично биле известени за настанот веднаш откако полицијата ја примила пријавата, по што јавен обвинител наредил лицето да биде повикано во полициска станица и да се разговара со него.
Исто така, од МВР за „Слободен печат“ потврдиле дека лицето им избегало од станица низ прозорец и дека поради тоа внатрешната контрола е активирана.
-На 10.11.2026 година во 23 часот и 10 минути во СВР Битола, 21-годишна битолчанка пријавила дека околу 17 часот била физички нападната од нејзиниот партнер К.У. Според пријавеното, тој подолг временски период физички и психички ја малтретирал и ѝ упатувал закани. Во моментот на пријавувањето, во СВР Битола доброволно дошол и пријавениот К.У. заедо со негов родител. При преземањето службени дејствија од страна на полициските службеници, со намера да биде лишен од слобода, лицето преку отворен прозорец избегало од просторијата за развод. Веднаш биле испратени полициски службеници и преземени се мерки и активности за негово пронаоѓање кои продолжуваат и во моментот – стои во одговорот на МВР до порталот.