ВРЕДИ: Али Ахмети преку сватот земал кредит од 5 милиони евра од „Алта банка Белград“

by irena 14:55
14:55

„Денес пред македонската јавност го презентираме клучниот факт кој директно го поврзува најблиското семејно опкружување на Али Ахмети со контроверзниот српски бизнисмен Давор Мацура и белградската „Алта банка“. Додека Али Ахмети и врвот на ДУИ со години јавно продаваа лажен патриотизам, далеку од очите јавноста нивната семејна бизнис-мрежа склучувала милионски договори директно во Белград. Денес, кога сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, се наоѓа во притвор во Србија, а Народната банка мораше да воведе привремена администрација за да го заштити македонскиот банкарски систем, трагите на парите водат директно до Зајас и Кичево“ рече на денешната прес-конференција пратеникот од ВРЕДИ – Зекирја Тахири.

Тој вели дека „во центарот на оваа операција е кичевската компанија „АС Сењак“, фирма во сопственост на Селаудин Арифи, сват на Али Ахмети, која на јавноста веќе ѝ е добро позната како партнер на внукот Дрин Ахмети во милионското преземање на “Соравија. На 9 јуни 2025 година, токму во екот на подготовките за влез на српската „Алта банка“ во Македонија, компанија во која косопственик е токму „АС Сењак“ на сватот на Ахмети, добива кредит од 5 милиони евра и тоа директно од централата на „Алта банка“ во Белград“.

„Јавно го прашуваме Али Ахмети и врвот на ДУИ: По која економска логика и за какви заслуги банката на Давор Мацура од Белград исплаќа 5 милиони евра свеж капитал на фирма директно поврзана со семејството на Ахмети? Како е можно банка од Србија, токму во моментот кога бара начин за влез и купување на Стопанска банка Битола во Македонија, да кредитира со милионски суми фирми на сватот на лидерот на партијата чии кадри, Фатмир Бесими, Бујар Османи и Артан Груби со години ги контролираа финансиските и државните текови? Дали со овие 5 милиони евра кредит исплатени од Белград за семејната мрежа на Ахмети, Давор Мацура всушност си ја платил политичката поддршка и си го купил влезот во македонскиот банкарски систем?“ рече Тахири.

Слични вести