Измените на Кривичниот законик и на Законот за кривичната постапка, кои Владата ги испрати во Брисел на мислење, имаат цел да ги надминат последиците од законските решенија донесени во времето на владата на СДСМ и ДУИ, а ќе се применуваат од нивното донесување па натаму, не и ретроактивно – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој посочи дека главниот фокус на измените е враќање на одредбите што се однесуваат на високата корупција, односно надминување на решенијата со кои, како што рече, пред неколку години биле намалени казните и овозможено е побрзо застарување на кривичните дела. Како дополнителен дел од измените е најавено и воведување ново кривично дело за загрозување на сигурноста во банкарскиот сектор.
– Во суштина, ние испративме во Брисел два закони. Едниот е Кривичниот законик, а другиот е Законот за кривичната постапка, или КЗ и ЗКП, како што популарно ги нарекуваат правниците. Тоа се закони што во времето на владата на СДСМ и ДУИ добија поинаква форма и суштина. И се сеќавате, тогаш тие, злоупотребувајќи го европското знаме, по скратена постапка во парламентот, ги изгласаа овие закони – рече Мицкоски.
Според премиерот, тогашните измени имале двојна цел – прво, како што оцени, да се обезбеди амнестија за криминалите за кои постојат основани сомневања дека биле сторени во периодот кога СДСМ и ДУИ биле на власт и, второ, да им се овозможи политичка амнестија на поранешни структури од ВМРО-ДПМНЕ со цел да се обезбеди нивна поддршка за уставните измени во контекст на францускиот предлог.
– Има двојна цел: првично да се себе амнестираат од сторените криминали за кои постојат основани сомненија додека тие беа влада во тие седум години. И, второ, мислат дека на тој начин на некои поранешни структури од ВМРО-ДПМНЕ ќе им овозможат политичка амнестија за да потоа тие им помогнат во намерата да се случат уставните измени како резултат на францускиот предлог. Тоа беше тогашната намера на тие измени во КЗ и ЗКП – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека актуелните законски измени нема да овозможат ретроактивно гонење за делата за кои веќе постојат основани сомневања дека биле сторени во периодот на претходната влада бидејќи, како што објасни, за нив може да се примени поблагиот закон, односно законското решение што било донесено во тој период.
– Не. Тоа не може да важи. Тоа е за отсега па натаму. И секогаш кога ќе слушнете од ДУИ и од СДСМ дека ви зборуваат за борба против криминал и владеење на правото, тогаш треба да се сетите дека токму тие се оние што го нанесуваат фаталниот удар на владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата – рече премиерот.
Тој додаде дека Владата очекува мислење од Брисел по што, врз основа на добиените забелешки, ќе биде отворена и внатрешна дебата за предложените законски решенија. Во подготовката, како што посочи, биле ангажирани експерти од областа на кривичното право со поддршка од Брисел.
– Очекувам што побргу да добиеме повратна информација и врз основа на таа информација да почне и собраниската процедура. Така што, ова е уште една суштинска разлика помеѓу функционирањето на оваа Влада и некоја влада од минатото – рече Мицкоски.
Во однос на најавеното ново кривично дело за загрозување на сигурноста во банкарскиот сектор, Мицкоски рече дека тоа е вклучено во измените врз основа на актуелните случувања поврзани со Стопанска банка Битола, односно Алта банка.
Тој оцени дека станува збор за обиди на одредени политички структури да го попречат изнаоѓањето решение за состојбите во банкарскиот сектор додавајќи дека таквите постапки не треба да поминуваат без одговорност.