Смрт во психијатриска болница во Хрватска: Четворица техничари осомничени за тешко убиство на пациентот Кристијан Периш

by irena 20:21
20:21

Смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш во психијатриската клиника „Свети Иван“ во Загреб предизвика бурни реакции во Хрватска, откако во јавноста се појави вознемирувачка снимка од болничкиот видеонадзор.

Периш починал на 21 октомври, а на 7 ноември полицијата уапсила четворица медицински техничари, на возраст од 22 до 52 години, осомничени за тешко убиство.

Според информациите објавени во хрватските медиуми, на снимката се гледа како техничарите употребуваат физичка сила врз пациентот, го притискаат на креветот, му ставаат перница врз лицето и со колена му го притискаат вратот. По интервенцијата, Периш изгубил свест и починал и покрај обидите за реанимација.

Семејството тврди дека првично било информирано оти починал од срцева слабост, но по забележаните повреди на неговото тело се посомневало во насилна смрт. Конечната причина за смртта сè уште се утврдува.

На осомничените им е одреден едномесечен истражен притвор, додека болницата покренала постапка за нивно отпуштање. Во меѓувреме, околу стотина вработени протестирале пред клиниката, барајќи да не се носат заклучоци пред завршувањето на истрагата и да се подобрат условите за работа.

Дополнителна трагедија го погодила семејството откако вереницата на Периш, со која очекувал дете, ја изгубила бременоста. Засега не е утврдена медицинска поврзаност меѓу двата настана.

Хрватското Министерство за здравство побарало итен извештај за случајот, особено поради тоа што официјалното известување за смртта го добило речиси три недели по настанот. Семејството бара целосна истрага и одговорност од сите лица вклучени во случајот.

Слични вести