Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на Парискиот мировен форум, предупреди дека светот минува низ период на длабоки промени и геополитички неизвесности, нагласувајќи дека европската стабилност е неразделно поврзана со иднината на Западен Балкан.
На панел-дискусијата посветена на суверенитетот и хибридните закани, таа истакна дека Македонија веќе 21 година има кандидатски статус за членство во Европската Унија и 17 позитивни извештаи, но сè уште не го започнала преговарачкиот процес.
Сиљановска-Давкова порача дека земјите од Западен Балкан не се периферија, туку природен дел од Европа, поради што ЕУ треба да го забрза нивното интегрирање.
„Мојот суверенитет извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. И мојот легитимитет исто така“, нагласи претседателката, повикувајќи на почитување на владеењето на правото, човековите права и демократските вредности.
Таа се осврна и на улогата на младите, посочувајќи дека тие треба активно да учествуваат во носењето одлуки, наместо да бидат третирани само како иднина на општеството.
На маргините на форумот, Сиљановска-Давкова оствари билатерална средба со литванскиот претседател Гитанас Науседа, на која се разговараше за европската интеграција на Македонија и за продлабочување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата се согласија дека реформите и Копенхашките критериуми треба да бидат основа за членство во ЕУ, а билатералните спорови не треба да го попречуваат проширувањето.
Претседателката нагласи дека Македонија останува посветена на конструктивен дијалог со Бугарија, но дека за напредок е неопходна добра волја од двете страни.