Русија: Ако Европа нè нападне, тоа ќе биде многу кратка војна

by irena 20:13
20:13

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, ги осуди напорите на Европската унија и НАТО насочени кон подготовки за можна војна против Русија.

Во видео-порака до учесниците на тркалезната маса за милитаризацијата на Европа, одржана под покровителство на ОБСЕ, тој изјави дека Москва не планира никого да нападне, но дека е подготвена да одговори на можна агресија. Тој, исто така, ги обвини западните земји дека управуваат со војната во Украина и дека сносат одговорност за нејзиното времетраење, пренесува руската државна новинска агенција ТАСС.

„Ние не се закануваме и немаме намера да нападнеме никого во краток или среден рок, ниту пак во кој било момент во иднината. Но, доколку се соочиме со агресија, ќе бидеме принудени да одговориме“, рече Рјабков.

Тој нагласи дека Русија нема намера, планови ниту причини да ги нападне западните земји. Истовремено, предупреди дека можна војна започната од Европа би можела многу брзо да заврши. „Европа се подготвува за војна. Ако таа започне, ние сме подготвени за таков развој на настаните. Сепак, таа војна би била многу кратка“, рече тој.

Според него, безбедносната ситуација дополнително се влошува поради прекинот на директните контакти меѓу руската армија и вооружените сили на земјите-членки на НАТО, како и поради зголемениот број воени вежби и инциденти.

„Непредвидливоста во воената сфера дополнително се зголемува поради прекинот на директните контакти меѓу армиите на земјите од НАТО и Русија, како и поради зголемениот број провокативни инциденти и воени вежби засновани на антируски сценарија. На пример, во текот на 2025 година, под покровителство на НАТО беа одржани најмалку 120 вежби, додека во земјите-членки на Алијансата се спроведоа повеќе од 700 национални воени маневри“, изјави тој.

Рјабков изјави дека европските земји се соочуваат со бројни пречки во нивните напори да ги зголемат своите воени капацитети.

„Ги осудуваме напорите на земјите од ЕУ и НАТО да се подготват за војна против Русија. Сепак, ги гледаме и проблемите со кои тие се соочуваат на тој пат. Овие пречки и ограничувања се бројни: од неподготвеноста на граѓаните да станат ’топовско месо‘, па сè до тешкотиите во финансирањето; од сериозниот недостиг на суровини и енергенси, до ограничените капацитети на одбранбената индустрија“, рече тој.

Тој додаде дека некои западни претставници почнуваат да сфаќаат оти можеби нема да успеат навреме да развијат воени капацитети што би им дале одлучувачка предност пред Русија.

„Властите во тие земји, како и одредени бирократи во Брисел, почнуваат да сфаќаат дека можеби нема да успеат да ги развијат капацитетите потребни за обезбедување одлучувачка предност пред Русија во предвидениот рок“, изјави тој.

Според неговите тврдења, одредени политички и воени структури на Западот сакаат да го забрзаат избувнувањето на директен вооружен конфликт со Русија.

„Отворено се зборува дека постои голема веројатност за вооружен конфликт со нас околу 2029 или 2030 година. Истовремено, постојат сигнали дека одредени сили на Западот се обидуваат да го забрзаат таквото сценарио и да го реализираат во рок од две години, како одговор на постојаниот напредок на Русија кон остварување на целите на нејзината специјална воена операција“, тврди тој.

Рјабков, исто така, ги обвини одредени европски политички елити дека шират страв од Русија и ги убедуваат граѓаните оти војната е неизбежна, а сето тоа поради внатрешнополитички интереси.

„Тие ја претворија русофобијата во ’стока за продажба‘ и во движечка сила на милитаризацијата“, рече тој.

И покрај острата реторика, рускиот дипломат тврди дека Москва сака да избегне нов конфликт, но не по цена на откажување од сопствените интереси.

„Денес, како и секогаш, се обидуваме да избегнеме нов конфликт, но не по цена на загрозување на руските интереси. Убедени сме дека, порано или подоцна, главните градови на европските земји ќе ја разберат важноста на дијалогот заснован на принципите на еднаква и неделива безбедност, прагматизам и заемно почитување на интересите“, изјави тој.

Слични вести