Кузеска: Славески призна дека одлуката за влез на Алта банка во Македонија ја донел Мицкоски – Обвинителството мора да реагира

by irena 14:58
14:58

Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска денеска на прес-конференција изјави дека гувернерот Трајко Славески признал дека одлуката за влез на српската Алта банка во Македонија ја донел Христијан Мицкоски.

„Како стратешка гранка вели Славески требало да бидат задоволени условите на ‘политичка сензитивност’. Ова е директна потврда на она што СДСМ го говори веќе 11 месеци, Мицкоски и Славески ја донесо пералната на пари на (Александар) Вучиќ со сомнителен капитал во Македонија. Тие се виновни за хаосот и што сега граѓаните, пензионерите, не можат да дојдат до своите пари. A правните лица не можат да исплатата плата“, рече Кузеска.

Надоврзувајќи се, таа обвини дека Славески и Мицкоски дале дозвола во банкарскиот сектор во државата да влезе човек што претходно имал менувачница во Србија, посочувајќи притоа на сопственикот на Алта банка Белград, Давор Мацура, кој се наоѓа во притвор, откако српското обвинителство отвори истрага за работењето на банката, на која пред една недела Народната банка на Србија (НБС) ѝ ја одзеде дозволата за работа.

Како што обвинуваат од СДСМ, Мацура првин добил дозвола од поранешниот српски претседател Александар Вучиќ да отвори банка, а потоа и од премиерот Мицкоски таа да влезе во Македонија, преку купување на мнозинскиот пакет акции на Стопанска банка АД Битола.

„Откривме и документи, Записник од седница на кој се гледа дека Владата на Мицкоски носела заклучоци со кои акции од државни претпријатија се нудени во интерес на Мацура и Алта банка! Во Европа има санкции и суспензии за Алта банка. Во Црна Гора има одбивање и притисоци што не поминале. Зад формалниот сопственик Давор Мацура – човек што до вчера држеше менувачница во Земун, стои мрежа на криминал, корупција и пари од дрога. Во Србија има стечај, апсење и истрага. И покрај сето тоа, Мицкоски ја внесува банката во Македонија“, изјави Кузеска на прес-конференцијата.

Дека стои зад влезот на Алта банка во Македонија, според портпаролката на СДСМ, признал и премиерот Мицкоски кога вчера во изјава за медиумите рече дека во следните неколку дена, заедно со гувернерот и министреката за финансии, ќе имаат средби со повеќе финансиски институции кои би можеле да бидат потенцијални купувачи на банката.

За купување на Алта банка, додаде таа, се „притискаат“ две банки – една домашна и една странска.

„Капо ди тути капи. Тој одлучува за сè – за фирми, за банки, за пари. Тој е и гувернер. А знаеме дека одамна е и обвинител и судија. Мицкоски треба да одговори на прашањето колу пати разговарал со Вучиќ за Алта банка?Колку пати се има сретнато со Мацура? За кои провизии се зборувало? Дали во трезорот и документите на Алта банка Битола постојат 80 милиони евра кеш или соодветни кеш еквиваленти? Толку стои во билансот на банката. Имаше доволно време тоа да го провери и бараме веднаш да се огласи. Затоа што во банка на Мацура во Белград тоа не постоеше, и основно е сомнението дека и во Битола тоа го нема“, рече портпаролката на СДСМ.

На крајот таа порача дека по изјавите на Славески и Мицкоски, државниот јавен обвинител Ненад Савески има обврска да реагира и веднаш да отвори истрага против премиер, гувернерот и против министеркатав за финансии Гордана Димитриоска-Кочоска. Во истрагата, додаде таа, треба да се вкучи и Европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка и сите вмешани во скандалот да одговораат.

Слични вести