Стотици илјади луѓе денеска излегоа на улиците низ Франција за да го засилат притисокот врз владата, барајќи повисоки плати и давајќи поддршка на студентското протестно движење.
Според полицијата, повеќе од 600.000 луѓе демонстрирале низ Франција, но станува збор за првична проценка, пренесува „Асошиејтед прес“.
Масовните протести, кои траат повеќе од еден месец низ Франција, денеска се одржаа и во Париз, Лион, Марсеј и други градови, а повеќето од нив поминаа мирно.
Протестниот марш во Париз помина мирно и привлече голем број граѓани, вклучително и студенти кои носеа транспаренти со натписи: „Нееднаквоста сериозно ја загрозува нашата иднина“ и „Не можеме да го поминеме целиот живот обидувајќи се само да преживееме“.
На протестите им се придружија работници и пензионери, барајќи повисоки плати и пензии.
Една третина од средните училишта се затворени или не можат да работат – некои поради блокади од страна на учениците, а други поради штрајкови на наставниците. Во одредени области имаше прекини во јавниот превоз. Ајфеловата кула, исто така, беше затворена за посетители.
Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, изјави дека се распоредени 70.000 полицајци, а во состојба на подготвеност се наоѓаат и оклопни возила, беспилотни летала и хеликоптери. Во последните недели, полицијата беше цел на критики поради грубото постапување и повредите нанесени на демонстрантите.
Многу протести во последните недели беа одбележани со насилство, за што владата ги обвинува маскираните левичарски радикали – за кои тврди дека сакаат да поттикнат бунт – но и други поединци чија цел е грабеж.
Во западниот регион Бретања, властите соопштија дека маскирани лица се обиделе да блокираат патишта во Рен, при што ги обвинија младите – кои често биле придружувани од возрасни – за „тешко насилство“.
Властите, исто така, известија за тензии, судири и други инциденти во градовите Лион, Нант, По, Орлеан, Рен и Тулуз.
Водечките француски синдикати предупредија дека земјата е на работ на рецесија, а плановите за отпуштања се множат.
„Гориво, прехранбени производи, кирија, гас, струја… Сè поскапува, освен платите и пензиите“, наведоа синдикатите во заедничка изјава.
Франција е оптоварена со долгови и, заедно со Италија и Белгија, спаѓа во земјите со најлоши економски резултати во Европа.
Пред почетокот на штрајкот, владата водеше преговори со синдикатите – вообичаено сценарио во француската политика – со надеж дека ќе го ограничи протестното движење, кое доведе до најнасилните немири во Франција во последните години.
Протестите започнаа во септември поради недостиг на персонал во едно средно училиште југоисточно од Париз, а набрзо се проширија низ целата земја. Во протестното движење се вклучија ученици и студенти кои бараат поголеми вложувања во образованието, како и работници кои бараат подобри пензии и олеснување поради растот на цените на горивата и другите трошоци.
Политичките лидери се обидуваат да го искористат протестното движење за да добијат политички поени, бидејќи демонстрациите се одвиваат во време кога се вжештува кампањата за претседателските избори во мај. Францускиот претседател Емануел Макрон нема право да се кандидира за трет мандат, а фаворит на изборите е кандидатката на крајната десница, Марин ле Пен.
Некои од најавените претседателски кандидати денеска учествуваа на протестен марш низ Париз, меѓу кои и ветеранот на крајната левица Жан-Лик Меланшон, лидерката на Зелените Марин Тонделие и умерениот левичар Рафаел Глуксман.