Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се огласи по денешните полициски активности и истрагата поврзана со сомнежи за злоупотреба на електронскиот систем за оценки од страна на вработено лице на Универзитетот.
Од Ректоратот соопштија дека институцијата целосно соработува со Министерството за внатрешни работи и надлежното јавно обвинителство, со цел случајот што поскоро и целосно да биде расчистен.
„УГД има нулта толеранција за корупцијата и злоупотребата во академската заедница. Сметаме дека расчистувањето на ваквите случаи придонесува за обезбедување подобро, поквалитетно и пообјективно студирање“, наведуваат од Универзитетот.
Оттаму нагласуваат дека остануваат посветени на основните академски вредности, чесноста, вистинитоста и институционалниот интегритет, како и на активно спречување на сите облици на неправилности во високообразовниот процес.
Од УГД ги уверуваат студентите, наставниот и административниот кадар, но и пошироката јавност, дека истрагата нема да ја промени нивната посветеност на образованието и академските обврски.
„Нашите студенти и нивното образование остануваат во центарот на сите наши активности. Наставниот процес, академските обврски, научноистражувачката работа и меѓународната соработка со реномирани европски универзитети продолжуваат да бидат наш приоритет“, посочуваат од Ректоратот.
Од Универзитетот истакнуваат дека како јавна високообразовна институција ќе продолжат да работат транспарентно и отворено, со цел зачувување на довербата на студентите и јавноста.
„УГД нема да дозволи каков било сомнеж да ги наруши трудот и вредноста на дипломите на илјадниците чесни студенти и вработени“, се наведува во соопштението.
Од Ректоратот уште еднаш потенцираат дека нема да толерираат корупција, злоупотреба на службената положба или други неправилности што би можеле да го нарушат угледот на институцијата.
„Институционалниот интегритет и довербата на нашите студенти се пред сè“, порачуваат од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.