Османи од Париз: Не смееме да дозволиме Македонија да остане настрана од европските процеси

by irena 20:16
20:16

Европската перспектива на Северна Македонија и случувањата во Западен Балкан се дел од темите за кои потпретседателот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи, разговара на средбите во францускиот Сенат, Националното собрание и други француски институции.

Во центарот на разговорите се процесот на европска интеграција, застојот на Северна Македонија во овој процес, како и важноста од зачувување на меѓуетничката стабилност преку целосно почитување на Охридскиот рамковен договор.

За време на разговорите, како што е наведено во соопштението од ДУИ, биле разгледани и можностите за постепена интеграција во политиките и механизмите на Европската Унија, со цел граѓаните да имаат конкретни придобивки од интеграцискиот процес и пред полноправното членство.

Османи, како што се додава, побарал засилен ангажман на Франција со цел да се обезбеди јасно, единствено и недвосмислено толкување на европскиот интеграциски процес во земјата, но и поддршка во рамки на релациите на земјата со Бугарија.

„Не треба да дозволиме Северна Македонија да остане настрана од клучните европски процеси во регионот. Премногу е направено, би рекол инвестирано, особено од страна и на Француската Република во овој процес, за што сме особено благодарни, но очигледно ни е потребна дополнителна поддршка, со цел интеграциите да продолжат”, истакнал Османи.

Од партијата информираат дека за време на разговорите особено внимание било посветено на Охридскиот рамковен договор, како темел на стабилноста, еднаквоста и мултиетничкиот карактер на државата. Османи ги изнел загриженостите во врска со случувањата што ги засегаат јазичните права, правичната застапеност и почитувањето на основните принципи на овој договор.

Тој нагласил дека спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и напредокот кон Европската Унија остануваат тесно поврзани со стабилноста и иднината на Северна Македонија.

Посетата на Османи на Париз, како што велат од ДУИ, е дел од континуираниот ангажман за дијалог со европските партнери за перспективата на земјата и случувањата од значење за регионот.

Слични вести