Бесплатни униформи, милионски тендери: Кој ги облекува учениците?

by irena 20:00
20:00

Додека градоначалниците преку социјалните мрежи се фалат со „бесплатните“ униформи како мерка за еднаквост меѓу учениците, јавните набавки откриваат големи разлики во цените, количествата и компаниите што ги добиваат договорите.

 

 

Пишувал: Орце КОСТОВ

 „Училиштето треба да биде место каде што младите ќе се натпреваруваат во знаење, труд и успех, а не во тоа кој носи поскапа облека и чии родители имаат поголема финансиска моќ“, напиша градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во објава на социјалните мрежи посветена на набавката на бесплатни училишни униформи.

Објавата се однесуваше на мерка со која сите ученици запишани во прва година во средните училишта во Скопје ќе добијат бесплатни училишни униформи со цел да се намалат социјалните разлики меѓу учениците и да се создаде поправедна и побезбедна училишна средина.

Од Град Скопје сметаат дека униформите ќе придонесат за воспоставување еднаков и достоинствен кодекс на облекување, практика, која, како што наведуваат, веќе се применува во голем број современи образовни системи.

„Вредноста на еден ученик не се мери според облеката што ја носи, туку според знаењето, карактерот и соништата што ги гради“, порача градоначалникот.

Општините сè почесто издвојуваат јавни средства за набавка на ученички униформи, вклучително и ученички ранци во последните неколку години. Целта, односно мотото на сите градоначалници кога ги најавуваат овие мерки е истата: да се создаде училишна средина во која секое дете ќе се чувствува прифатено и еднакво без разлика на економскиот статус на семејството.

Но, откако исчезна „трката кој носи поскапа облека“, се појави трката која општина ќе набави подобри униформи и подобро ќе ја „продаде“ приказната на социјалните мрежи.

Родителите на децата во општините што набавија униформи за училиштата заштедија одредена сума на средства, но останува прашањето колку овие општински пари или пари на граѓаните се трошат транспарентно и по кои критериуми се избираат фирмите што ги добиваат договорите.

Анализата на јавните набавки покажува дека цената по ученик значително варира од општина до општина, во зависност од тоа колку парчиња облека се набавуваат и колку ученици се.

Со оглед на тоа што униформите во овие општини се задолжителни, родителот ќе плати двапати, еднаш преку буџетот на општината и вторпат кога ќе мора да купи дополнителна униформа.

СКОПСКИ ОПШТИНИ

Секоја општина има своја посебна политика кога се работи за училишните униформи. Дел од општините набавуваа по две маици и блуза, некои по две маици и дуксер, додека некои општини решија малку да заштедат и објавија сет од една маичка и еден дуксер што значи дека резервната маичка ќе треба сами да ја платат по намалена цена од специјално назначени продавници кај кои ќе стојат овие униформи.

Многу мал е бројот на општините кои со години им набавуваат униформи на децата од основните училишта. Освен Општина Аеродром, која има децениско искуство со ваквите набавки, другите општини почнаа да се приклучуваат кон трендот во последните неколку години. Гази Баба набавува од 2023 година, Кисела Вода и Бутел од 2024 година, додека Општина Центар се приклучи лани непосредно пред локалните избори.

Општина Аеродром, седма година по ред ја избира понудата „Линк Медиа Плус“, главно позната по тоа што со години добива тендери за новогодишното украсување од различни општини. Оваа фирма, според податоците на „Company Wall“, е основана во 2005 година, има 12 вработени и во 2025 година остварила 92,5 милиони денари приходи, односно добивка од 21,9 милиони денари.

Годинава, Општина Аеродром, за набавка на две поло-маици и дуксер за преку 7.000 основци потроши 307 илјади евра. Но, за разлика од другите општини, Аеродром направи чекор повеќе и обезбеди 830 таблети за учениците од четврто одделение во општинските основни училишта.

Општина Центар, лани ги набави униформите преку „Линк Медиа Плус“ за првпат, но соработката ќе продолжи и годинава. За околу 4.900 ученици во училиштата во Центар се набавени униформи од оваа компанија за сума од 243.867 евра.

Општината каде што градоначалник е потпретседателот на СДСМ, Горан Герасимовски распиша уште еден тендер, за набавка на училишни ранци за првоодделенците во основните училишта, за кои потроши 8.029 евра. Тендерот го доби компанија од Кочани, ДПТУ Лидер Р-98, фирма со еден вработен и основана во 2020 година. Компанијата, во 2025 година имала приходи од 24,7 милиони денари и добивка од 2,8 милиони денари.

Општина Бутел, за околу 4.700 ученици во 2024 година потроши над 100.000 евра. Лани делеше бесплатни униформи само за првачињата, а годинава, дел од училиштата сами си набавија училишни униформи.

ОУ „Панајот Гиновски“ набави униформи преку компанијата АРМАРИУМ ГРУП ДОО Скопје за 200.600 денари, додека ОУ „Лиман Каба“ од истата фирма набави униформи за 153.400 денари.

Општина Гази Баба постојано ги користи услугите на компанијата АРМАРИУМ ГРУП ДОО Скопје, која е специјализирана за производство на горна облека. За годинешната набавка на униформи за сите основци во училиштата, за вкупно 6.800 ученици се потрошени 178.807 евра. Учениците добија по една маица и еден дуксер наместо по две маици, па резервна ќе мора да си докупат од продавницата на производителот АРМАРИУМ.

Инаку оваа компанија со петмина вработени е една од фирмите со најголем раст на добивката во последните три години. Во 2025 година остварила профит од 250.000 евра.

АРМАРИУМ, пред две години ги шиеше униформите и на Општина Кисела Вода, но лани и годинава општината го промени набавувачот на униформи.

Друштвото за трговија и услуги БОЈАН ПРОМЕТ ДООЕЛ увоз-извоз од Скопје, кое ги набави ланските униформи на Кисела Вода, годинава, исто така, го доби тендерот за набавка на униформи за 5.460 основци. Јавната набавка е во вредност од 129.674 евра.

Оваа фирма се занимава со продажба на детска облека и работи од 2025 година. Сопственици на компанијата се Олгица Христовска и Верка Спасовска.

Општина Карпош, наместо униформи, набави ранче и училишен прибор за секое прваче од општинските училишта за сума од 16.260 евра. Тендерот го доби РЕГИНА ПРЕМИУМ Дооел Скопје, која се заминава со посредување, продажба и консултантско-сметководствени услуги.

Училишни ранци, но за сите основци набави и Општина Ѓорче Петров. Фирмата ТОЗ-МК ДОО Скопје го доби тендерот вреден 8.400 евра.

И Општина Сарај потроши околу 8.000 евра за набавка на ранци за првчињата во општинските училишта во Сарај. Ранците се набавени преку БМС ГРУП Дооел Скопје.

Општина Сопиште  годинава им се приклучи на локалните самоуправи, кои набавуваат опрема за учениците. УНИФГРАНД ДООЕЛ од Скопје набави униформи за учениците за сума од 1,16 милиони денари, односно за 18 илјади евра.

Некои училишта, за разлика од општините каде што припаѓаат, си набавија сами униформи, како што е средното училиште на Град Скопје „Марија Кири-Склодовска“, кое набави работни униформи за ученици и вработени преку охридската компанија Астра Дизајн Дооел за сума од еден милион денари.

УНИФОРМИ И ЗА УЧЕНИЦИТЕ ОД ВНАТРЕШНОСТА

Тендери за набавка на училишни униформи годинава се спроведени и во Велес, Крива Паланка, Штип, Зелениково, Петровец, Неготино и во Струмица. Дел од општините набавуваат за сите основци, други само за првачињата или етапно, за дел од основците.

Општина Штип потроши 8,86 милиони денари за набавка на униформи за ученици. Тендерот го доби компанијата ЕАМ ДОО од Штип, која работи од 1991 година во полето на конфекцијата. Актуелен директор на компанијата е Александар Патриклиски. Лице со исто име презиме се наоѓа и на списокот на донатори на ВМРО-ДПМНЕ за кампањата на парламентарните избори во 2024 година. Оваа фирма, во 2025 година работела со приходи од 358 милиони денари и профит од 46,6 милиони денари.

Во Неготино, пак, некои училишта сами си набавиле униформи за учениците. ООУ „Гоце Делчев“, за 1,4 милиони денари набави училишни униформи од кавадаречка комапнија Бонум Трејд ДД Дооел, која почнала да работи пред една година. И ООУ „Страшо Пинџур“ од Неготино набавило ученички униформи за сите свои основци од истата компанија за 1,6 милиони денари.

Општина Велес се одлучила за набавка на униформи за учениците од компанијата за производство на горна облека, АРМАРИУМ ГРУП ДОО од Скопје, која набавува и за Гази Баба. Вредноста на јавната набавка изнесува 10,6 милиони денари со ДДВ и се однесува на седум основни училишта.

Општина Гевгелија годинава набави униформи за учениците од основните училишта откако на тендер ја избра понудата на штипската текстилна компанија ДМГ-ТЕКСТИЛ ДОО во висина од 53 илјади евра.

Оваа фирма ќе обезбеди униформи за учениците и во ОУ „Сандо Масев“, од Струмица за сума од 10.000 евра.

ЧЕТИРИ МИЛИОНИ ЕВРА ОПШТИНСКИ ПАРИ ЗА ПОДДРШКА И ДОТАЦИИ

Потрошените пари за купување училиштен прибор, ранци и униформи кај дел од општините се мала ставка од потрошените средства на општините за разна финансиска помош и дотации за жителите во општините.

Шеесет и три општини во земјава, само ланската 2025 година, потрошиле 4.056.482 евра за разна финансиска помош и дотации за жителите во општините. Ова е за речиси еден милион евра повеќе отколку во претходната 2024 година, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

„Реалната сума е сигурно и поголема, имајќи предвид дека многу општини не ги пријавија сите вакви давачки во одговорите на барањата за информации од јавен карактер. Со помошта се опфатени вкупно 58.290 граѓани, и во споредба со претходната година, бројката е зголемена за речиси 13 илјади луѓе. 

Пари се доделувани за вкупно 92 различни основи – од прво дете, првоодделенци, средношколци, млади, матуранти и сл. до лица во социјален ризик и пензионери. Исто така, доделувани се и училиштен прибор, ранци и дрва, а парична поддршка е давана и за купување велосипеди, тротинети, дигитални уреди, пелети и печки за пелети, клима-уреди и сл. Субвенционирани се и сметки за комуналии, за полагање возачки, за превоз и за паркинг. Пари се давани за стапување во брак, за санација на покриви, за прозорци, за лифтови, за стипендии, а наградувани се првенци на генерација, најдобар наставник, полицаец, земјоделец, пожарникар и доктор“, се вели во истражувањето.

Три скопски општини доделуваат помош по најмногу основи. Општина Центар доделува помош по 16 основи, односно категории. Следни се Кисела Вода и Гази Баба, кои доделуваат помош по 12 основи. Сите други општини доделуваат помош по помалку основи.

Општините, во своите правилници и одлуки за доделување на разната помош, се повикуваат на различен член од Законот за локалната самоуправа. Сепак, најчесто е повикувањето на членот 36, став 1 каде што се наведени надлежностите на Светот на општината и точката 15 „Врши и други работи утврдени со закон“.

Текстот е објавен на 1 октомври 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.617

Слични вести