Компанија без имот должи 15 милиони евра: Кои се должниците кои се наоѓаат на листата на УЈП?

by irena 14:24
14:24

 Управата за јавни приходи ја објави септемвриската листа на најголеми должници, на која се најдоа вкупно 5.240 правни и физички лица со неподмирени обврски од речиси 222 милиони евра. Од нив, на најновата листа на должници што ја објавува УЈП, 2.008 се правни, а 3.232 физички лица, а најголемите неплатени обврски се по основа на даноци и придонеси.

За еден месец е зголемен и бројот на должниците и неподмирениот заостанат долг. Според УЈП, на листата се регистрирани дополнителни две фирми и 38 граѓани. Овие две фирми, заедно со граѓаните, генерирале долг кон УЈП во висина од 7,3 милиони евра.

Оваа должничка листа се однесува на долговите што требало да се подмират до 31 мај, но не биле регулирани ниту до 31 август. Се работи за обврски што произлегуваат од ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојните вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.

Но, како фирма со нула или еден вработен може да направи милионски промет? Бројот на вработени сам по себе не е доказ дека фирмата не работела. Компанијата може да  увезува и препродава стока, да работи преку подизведувачи, да користи услуги од други компании или да има сопственик што не е формално вработен, да има голем промет со мал број вработени (најчесто во логистика), да престане да работи откако ќе настане даночниот долг и да го префрли имотот на друг субјект.

Најинтересен актуелен пример е компанијата Хант Осој Трејд ДООЕЛ Скопје, која е на врвот на септемвриската листа со долг од околу 914,2 милиони денари, односно приближно 14,9 милиони евра.

Според информациите на УЈП, компанијата нема имот од кој долгот би можел директно да се наплати, а долгот е исклучиво по основа на ДДВ.

–Не поседува движен и недвижен имот. Има присилна наплата од парични средства. Утврдена е даночна гаранција, во тек се мерки за наплата од даночен гарант, велат од УЈП.

Компанијата ХАНТ Осој има едно вработено лице и е формирана во 2022 година.

Сега владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција пред две години, тврдеше дека фирмата „Хант Осој“, до крајот на 2022 година се викала „Хантонос“. Тогашниот сопственик Васе Панајотов му ја продава на извесен Агим Имери од Косово, кој добил поврат на ДДВ од 12 милиони евра и исчезнал.

–Оваа нова фирма за кусо време тргува, увезува стока за 57 милиони евра, а никој не прашува од каде се парите и за тоа користи поврат на ДДВ од над 10 милиони евра. Кога доаѓа време за наплата на данок во 2023 година, УЈП сфаќа дека фирмата не плаќа, па потоа да не успее да го најде сопственикот, за кој МВР и посочува дека лицето Агим Имери од Косовска Митровица на кого му е продадена фирмата воопшто немал влез во Македонија во периодот кога наводно ја купил и работел со фирмата.

И УЈП потоа разбира дека нема деловни книги, нема сметководство, а фирмата должи данок. Вкупно УЈП сега бара над 12 милиони евра, односно всушност парите што се дадени како ослободување од ДДВ – рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој сега е во медиумскиот тим на премиерот Христијан Мицкоски.

За слични малверзации со поврат на ДДВ имаше обвинувања и за фирмата Окитна Трејд, вториот најголем должник на листата на УЈП со 902 милиони денари, која кон крајот на 2022 година преминала од дотогашната сопственичка Зуле Кармзова во рацете на Егзон Бериша од Косово, кој добил поврат на ДДВ од 11 милиони евра.

УЈП демантираше дека имало незаконски исплати на поврат на ДДВ. Парите не им се исплатени на овие фирми, туку се бара наплата на данок од нив, но ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека има докази за спротивното.

О.К.

Слични вести