Од четврток личните карти и возачките дозволи ќе ги имаме на мобилен телефон

by irena 13:37
13:37

Граѓаните од четврток ќе можат да ги користат личните карти и возачките дозволи преку мобилниот телефон, со почетокот на официјалната примена на електронскиот паричник. Апликацијата ќе биде промовирана во среда, на 28 октомври.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, појасни дека апликацијата е безбедна и им овозможува на корисниците сами да изберат кои лични податоци ќе ги споделат.

При идентификација во банка, бар или друг локал, граѓаните нема да мора да ги откриваат сите податоци од документите. Наместо тоа, ќе можат да споделат само одредени информации преку QR-код за еднократна употреба. Кодот ќе може да се скенира, а податоците ќе бидат достапни само со дозвола на корисникот. По 10 до 15 секунди, кодот истекува и не може повторно да се употреби.

Андоновски истакна дека ова е почеток на процесот кон воведување европски дигитален паричник, кој треба да овозможи целосна дигитализација на документите. Тој се надева дека со понатамошниот развој на апликацијата ќе се додаваат нови услуги, можности и документи за граѓаните.

Министерот го соопшти ова пред почетокот на панел-дискусијата „Предуслови и предизвици за забрзана дигитализација на приватниот сектор“.

Слични вести