АХВ заплени и уништи 470 килограми месни производи во нерегистрирана комора во Василево

by irena 11:48
11:48

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), минатата недела, спроведе вонреден инспекциски надзор кај правно лице – месарница во Општина Василево, при што на приватен имот беше откриена комора која не била регистрирана во Агенцијата за храна и ветеринарство.

При спроведувањето на контролата, официјалните ветеринари на АХВ во комората пронашле и заплениле 400 килограми замрзнати подготовки од месо, плескавици и ќебапи, како и 70 килограми внатрешни органи. Целокупната запленета количина подготиовки од месо и внатрешни органи нештетно се уништени на депонија, согласно пропишаните законски процедури.

Поради утврдените неправилности, изречена е мерка за времено затворање на комората, а на правното лице му се изречени и парични казни за работа во нерегистриран објект и неозначување на производите.

Од АХВ посочуваат дека овој случај е уште една потврда за значењето на редовните и вонредните инспекциски контроли, со кои АХВ врши надзор врз работењето на операторите со храна, почитувањето на законските обврски и исполнувањето на условите за безбедност на храната што се произведува, складира и става во промет.

Во периодот од јануари до август 2026 година, инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 74.838 инспекциски надзори. Контролите опфаќаат различни сегменти од синџирот на храна на домашниот пазар и увозот, со цел навремено откривање и отстранување на неправилностите и спречување на пласманот на небезбедна храна на пазарот. Во овој период уништени се 69.776 килограми небезбедна храна од домашниот промет и од увоз, забранет е увоз на 21.105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, а во земјите на потекло се вратени пратки со вкупно 122.602 килограми храна од животинско потекло.

Агенцијата најавува продолжување на инспекциските контроли низ државата, со приоритет заштитата на здравјето на граѓаните и спречувањето на продажбата на небезбедна храна.

Слични вести