Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во гостување на тв Сител истакна дека Општината бара дополнителни стручни испитувања за стабилноста и безбедноста на теренот во „Барутана“. Тој нагласи дека постапката за нов детален урбанистички план е започната поради законската обврска по укинувањето на претходниот план, но дека тоа не значи и негово конечно донесување.
„Наша законска должност како општина, и моја како градоначалник, е по укинувањето на детален урбанистички план да започнеме постапка за нов план за истата површина. Тоа и го направивме. Планот сè уште е во процедура, а сега јас и мојот тим бараме дополнителни испитувања и анализи за да се утврди дали земјиштето е стабилно и безбедно за можни идни градби“, истакна Герасимовски.
Тој појасни дека за овој простор постои планска документација уште од 2002 година и дека не станува збор за отворање нов градежен реон. Според него, тврдењата во јавноста за нови 25 градежни парцели создаваат погрешна слика за содржината на предложениот нацрт-план.
Герасимовски посочи дека Уставниот суд во 2025 година ја укинал одлуката за донесување на ДУП-от од 2012 година поради недоволен број гласови при неговото усвојување. До укинувањето, планот бил во важност и врз негова основа се граделе објекти.
„Таму план имало и претходно. Со новиот нацрт-план ги подобруваме условите: ја намалуваме предвидената квадратура за 33 проценти, предвидуваме 40 проценти зеленило во самите парцели и ги ограничуваме подземните нивоа. Не дозволуваме да се повторуваат практики во кои просторот предвиден за паркирање подоцна се користи за домување“, рече Герасимовски.
Тој додаде дека со нацрт-планот се предвидува и државна парцела со намена за пензионерски дом.
Градоначалникот информираше дека нацрт-планот поминал низ стручните комисии и добил позитивни мислења од надлежните институции, меѓу кои Комисијата за урбанизам на Град Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување. Сепак, како што нагласи, Општината бара дополнителни проверки преку планерската куќа за можните ризици од свлекување, ерозија и нестабилност на теренот.
Во тој контекст, Герасимовски посочи дека на просторот постојат и објекти изградени бесправно во минатото, дел од нив подоцна легализирани, како и потпорни ѕидови за чија состојба и безбедност се потребни стручни сознанија.
Осврнувајќи се на досегашната јавна анкета и дискусија, тој истакна дека граѓаните имале можност преку анкетните листови да ги достават своите забелешки, потреби и барања. Воедно, изрази жалење за односот кон дел од вработените за време на јавната дискусија и потсети дека побарал јавно извинување за нападите кон нив.
„Постапката ја водат стручни лица и институции, а забелешките се разгледуваат низ законски предвидените механизми. Мора да има простор за дискусија, но и почит кон луѓето што ја спроведуваат постапката“, порача Герасимовски.