Водата од пет јавни чешми во Гевгелиско не е безбедна за пиење, покажале резултатите од лабораториските анализи на Центарот за јавно здравје во Велес. Општина Гевгелија информира дека по извршените испитувања е забрането користењето на водата за пиење од овие места.
Забраната се однесува на природната чешма „Мурџева“ во Негорци, спомен-чешмата „Катерина“ во Конско, природната чешма покрај патот во Старо Конско, природната минерална чешма во Смрдлива Вода и водата од водоводот во Смрдлива Вода.
Според лабораториските резултати, во водата се утврдени микробиолошки и физичко-хемиски отстапувања од пропишаните услови за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Од Општина Гевгелија информираат дека по добиените насоки од Центарот за јавно здравје во Велес, општинските комунални служби и инспекторатот за животна средина презеле активности за известување на граѓаните. На чешмите се поставени табли со предупредување дека водата не е исправна за пиење.
„Дополнително, ќе се преземаат соодветни мерки за отстранување на можните извори на загадување, како и соодветен третман за дезинфекција“, соопштуваат од Општината.
Надлежните појаснуваат дека водата од природните чешми наведени во известувањето потекнува од природни извори и не е дел од водоснабдителниот систем преку кој се снабдуваат домаќинствата.
Граѓаните се повикуваат да ги почитуваат поставените предупредувања и да не ја користат водата од наведените чешми за пиење, со цел да се заштити здравјето и да се избегнат можните последици од употребата на неисправна вода.