Тетовец на 20 години осомничен за компјутерски криминал и детска порнографија

by irena 15:54
15:54

Дваесетгодишен тетовец од Голема Речица е осомничен дека во периодот од 2025 до 2026 година администрирал нелегална онлајн група на комуникациската апликација „Телеграм“, преку која нудел услуги и софтверски алатки за измами поврзани со незаконско враќање парични средства.

Освен ова, тој е осомничен и за кривично дело – Злоупотреба на лични податоци од член 149, кое го вршел како администратор на домејни и веб-страници поврзани со платформата „OLVX“, која служела како нелегален пазар за продажба на украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги наменети за извршување кривични дела. Главни корисници на платформата биле сајбер криминалци кои купувале и продавале лични податоци и пристапни акредитиви за кориснички сметки, а во периодот на функционирање на платформата биле понудени над 1.500 украдени пристапни податоци на жртви – физички и правни лица.

При претрес во неговиот дом пронајдени се и два мобилни телефона од кои во скриен фолдер на еден од телефоните биле пронајдени 29 видеа со експлицитна содржина на полови дејствија меѓу возрасни лица и деца. Поради тоа, 20-годишникот е осомничен и за кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“.

Имајќи предвид дека постои несомнен ризик од бегство на осомничениот на кој му се ставаат на товар неколку кривични дела, како и поради опасноста тој да продолжи да врши кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор.

Слични вести