Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во разговор со британскиот новинар Пирс Морган изјави дека Русија изгубила силен сојузник и дека чувствува оти американскиот претседател Доналд Трамп го предал.
На прашањето на Морган дали смета дека Трамп го предал поради договорот со рускиот претседател Владимир Путин за дизелот и за ублажувањето на санкциите против Русија, Зеленски одговори потврдно.
„Всушност, да, но мислам дека е малку покомплицирано од моите емоции или чувства. Тоа не зависи од мене“, рече Зеленски, пренесува „Киев Индипендент“.
Тој истакна дека е разочаран од одлуката на Трамп да склучи договор со Путин веднаш по воведувањето построги санкции кон Русија, а на прашањето дали смета дека Украина ја губи поддршката од Америка, одговори потврдно.
„Болно е кога претседателот Трамп избира страна, а таа не е нашата. Немаме ништо против тој да биде во средината, но ако си во средината, мораш да останеш таму, а не да преминеш на погрешната страна“, рече Зеленски.
Претседателот на Украина ги критикуваше соработниците на Трамп, кои, според него, го наведуваат да носи одлуки во корист на Русија.
„Мислам дека неговите советници грешат. Не знам кој го турка кон погрешната страна, но знам дека тоа не е вистинската страна на историјата“, рече Зеленски.
Зеленски исто така нагласи дека одлуката за ограничување на работата на „Старлинк“ во Украина е „голема грешка“, бидејќи им ги отежнува борбените операции на украинската армија.