Баџанакот на Мицкоски и неговиот прв братучед, од партиски донатори, до бизнисмени што вртат милиони

„Фокус“ се обиде да ја открие целата бизнис-шема, а уште поспектакуларно во целата оваа приказна е што Јорданчо Јанев, баџанакот на Мицкоски, редовно се наоѓа на списоците на донатори на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните и за претседателските избори, како и за последните локални избори. Убаво што се врти бизнисот, но каде завршуваат овие пари? Тука не станува збор за една или две фирми, туку за бројни фирми, кои се занимаваат со различни дејности, и тоа не само во Македонија, туку и во соседна Бугарија. И Јанев и неговиот прв братучед Карастоев даваат повеќе од 200.000 денари донации, кои завршуваат и на изборната, но и на партиската сметка на ВМРО-ДПМНЕ.

by irena 20:00
20:00

Текстот е објавен на 19 март, 2026 година во неделникот со број 1589

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Веќе две години како премиерот Христијан Мицкоски ја предводи владата на Илинденска, а ВМРО-ДПМНЕ во моментов ја имаат апсолутната власт во државава. Тие се забетонираа за следните неколку години, во што дополнително им помогна сега опозицискиот СДСМ, кој од народот беше казнет поради лошите политички одлуки.

И сега, и порано, без разлика кој е на власт, останува познатата традиција кумови, роднини и пријатели на актуелните премиери и владини функционери да располагаат со бројни фирми испреплетени преку цела една мрежа. Некои биле бизнисмени уште претходно, а други напредувале во својата бизнис-кариера додека била одредена власт. Секој со своето.

Сите тие се анонимни ликови, непознати за пошироката јавност, со исклучок на семејството на поранешниот премиер од редовите на СДСМ, Зоран Заев, каде што цела фамилија од брат, братучеди и роднини, се вклучени во една бизнис-машинерија. Сепак, Заев уште пред да стане премиер, неговото семејство располагаше со богата бизнис-империја, која со текот на годините продолжуваше да расте.

Е сега тука, од нигде никаде во таа шема влезе неврохирургот Венко Филипче, кој со брзина на светлината се „вплетка“ во мрежата на фирми, па многу често го поврзуваат со компании во Бугарија и во Дубаи. Поточно, тој е десна рака на екс премиерот.

За разлика од Заев, тука е Мицкоски, кој лично на негово име нема ниту една фирма. Но, ова не е за изненадување, со оглед на тоа што речиси никој од функционерите директно не фигурира на хартија. Барем, така покажува досегашната пракса.

Сепак, заедничко за Заев и Мицкоски е градот Струмица, каде што се „плете“ пајажината од фирми. Некако, сѐ се врти околу тој град. Роднина на актуелниот премиер, негов најблизок соработник и донатор на партијата поседува бројни компании во Македонија и соседна Бугарија. Да не се разбереме погрешно, секој има право да отвори своја фирма, но факт е дека поголема предност имаат во работата, па нормално дека бизнисот почнува да цвета кога грбот ти го штити некој од функционерите, без разлика кој ја има власта во свои раце.

Особено и кога поддршката е заемна, ем се работи турбо, ем се донира за изборите и за партијата, која секогаш е во срцето или при срцето. Битно е парата да се врти. На овој или на оној начин.

БАЏАНАКОТ И БРАТУЧЕДОТ

Веќе неколку години, опозициските партии и власта се препукуваат на оваа тема, поточно кој ќе извади повеќе роднини врзани во мрежа од фирми. Па така, на мета се најде и баџанакот на актуелниот премиер Јорданчо Јанев од Струмица, кој низ годините успешно ја гради својата бизнис-кариера, и внатре, и надвор од државата.

Тезата на опозицијата е дека баџанакот врти пари, кои завршиле за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Од СДСМ честопати аргументираат и дека Јанев важи за еден од најблиските соработници на премиерот.

„Фокус“ се обиде да ја открие целата бизнис-шема, а уште поспектакуларно во целата оваа приказна е што Јанев редовно се наоѓа на списоците на донатори на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните и претседателските, како и за последните локални избори. Убаво што се врти бизнисот, но каде завршуваат овие пари?

Според проверката што ја направивме во Централниот регистар, баџанакот на Мицкоски има фирми на негово име и во Македонија, па така една од нив од каде што почнува целата таа империја е „Дано Транс ДООЕЛ Струмица“. Историјата на компанијата е позната и таа е основана во далечната 2003 година, поточно на бизнис-пазарот опстојува цели 23 години. Станува збор за фирма, чија основна дејност е товарен патен транспорт. Пријавениот приход за 2024 година е 936.957 евра, додека добивката за истата година е околу 103 илјади евра.

Сепак, како што поминува времето, така една по една никнуваат компаниите на име на Јанев, па веќе во 2015 година е формирана фирмата „Интерпласт Груп ДООЕЛ“, чија основна дејност е услужни дејности поврзани со копнениот сообраќај.

На листата се наоѓа и компанијата „Д-Дигитал Конто“, основана пред неполна година, односно на бизнис-пазарот фигурира од 18 јули 2025 година. Како нејзин сопственик се јавува Јанев, додека, пак, како директор на оваа фирма за сметководство и консалтинг се појавува извесна Танкица Ефтимова.

Може нејзиното име и презиме не е познато во јавноста, но затоа се наоѓа на списоците за донации на актуелната владејачка гарнитура. Според проверките што ги направивме, на 7 февруари 2024 година, за време на парламентарните и претседателските избори, таа донирала 200.000 денари, од кои на 26 април истата година, 90.000 завршиле на сметка на партијата како пренесена донација.

Исто така, и името на баџанакот на Мицкоски може да се најде на листата на донации за сите досегашни избори. Тој, како и во 2021 година, така и во 2024 година, од својот џеб одвоил речиси 10.000 евра за партијата.

Поточно, на 7 февруари, на партиската сметка уплатил 200.000 денари, на 28 март уште 200.000 денари, на 17 април од својот семеен буџет издвоил 60.000 денари и на 9 мај дополнителни 120.000 денари.

БРАТУЧЕДОТ НА БАЏАНАКОТ

Сепак, фирмата што најмногу го привлече вниманието во јавноста е „Шалом Фуд Груп“ регистрирана во 2016 година, а како раководител на оваа компанија фигурира Дончо Карастоев, прв братучед на баџанакот на Мицкоски. Пријавениот приход за 2024 година е околу 650 илјади евра, додека добивката е скромни околу 33.000 евра.

Пред две години, пак, во Струмица е основана уште една фирма со слично име како друштво за угостителство „Шалом Деливери ДОО“, која на бизнис-пазарот се најде во 2024 година. Како сопственици се појавуваат двајцата братучеди Јанев и Карастоев, кој, исто така, е и управител на компанијата.

Според податоците со кои располага „Фокус, а кои можат да се најдат и на Бирото за јавни набавки, набргу по преземањето на власта во Струмица од страна на градоначалникот Петар Јанков од ВМРО-ДПМНЕ, една од првите јавни набавки од страна на општината, иако мала по вредност, отиде кај „Шалом Фуд Груп“ ДОО.

Компанијата беше единствен понудувач и добитник на тендерот за ресторански услуги за свечениот ручек, кој се одржа на 11 декември, по повод локалниот празник „Св. 15 Тивериополски свештеномаченици“. Вкупната вредност на договорот е 400.000 денари со ДДВ, со кој компанијата се обврза да обезбеди традиционален свечен ручек до 250 гости. Свечениот ручек се одржал во ресторанот „Шалом“ во Струмица.

Според финансиската понуда, менито вклучувало пржена пастрмка, посно гравче, посна чорба, посни сарми, салата, баклава, леб, безалкохолни и алкохолни пијалаци (ракија, мастика, пиво, вино), како и кафе и чај. ​

Во официјалното соопштение за одбележувањето на градскиот празник во Струмица беше наведено дека присутни биле црковни лица, директори на институции, министри од владата. Но, сепак, тоа што боде очи е тоа кои се покровители на последната годишна слава.

„На богослужбите присутен беше градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, директорката на Комисијата за односи со верските заедници, Оливера Трајковска, покровителите на годинашната слава, Јорданчо и Стевица Јаневи, советници, директори на институции и голем број верници“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата литургија.мк.

Тоа што е чудно е што за истата таа слава, каде што семејството Јаневи се покровители, тендерот за набавка од општинскиот буџет го добива токму фирмата каде што сопственоста ја делат баџанакот на Мицкоски и неговиот прв братучед.

„Фокус“ се обрати на официјалната имејл-адреса на компанијата, каде што испративме неколку прашања, но до затворањето на весникот не добивме повратни одговори.

„ПАЈАЖИНА“ ОД ФИРМИ

Лека-полека, пајажината со мрежа од фирми се отплеткува, па тука значајно место зазема и Карастоев. Тој, и покрај тоа што, исто така, е донатор на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори во 2024 година со сума од 300.000 денари, од кои 130.000 денари завршуваат на партиската сметка, успешно плива и во бизнис-водите.

Според податоците од Централниот регистар, тој со негово име и презиме на хартија фигурира во вкупно девет фирми. Повеќето од компаниите се наоѓаат на иста адреса, а дел се на различни адреси. Една од фирмите е „ДООЕЛ Инфинити ДК“ основана пред точно 20 години, поточно во 2006 година. Таа се занимава со трговија на мало со облека, а Карастоев се води како стопроцентен сопственик. Не располага со некој голем приход и добивка.

Шест години подоцна, братучедот на Јанев го проширува бизнисот, па така во 2012 година почнува со работа фирмата „ДООЕЛ Инфинити Фешн Груп“, чија основна дејност, исто така, е трговија на мало со облека.

Но, тука не завршува шемата со компании. Листата се проширува за уште една фирма, а тоа е „Респект Груп ДООЕЛ“ формирана во 2014 година, во која како сопственик фигурира Карастоев, а бизнисот е повторно со набавка на облека. Четвртата компанија, пак, во која фигурира како управител заедно со Нада Михајлова, е „ДС Биливерс Груп“, која на бизнис-пазарот е од 2021 година, поточно веќе петта година. Михајлова, исто така, е сопственик на фирмата заедно со Невенка Глигорова, која е содружник во фирмата со посредување во неспецијализирана трговија на големо. Пријавената добивка е околу 85.000 евра.

Наеднаш бизнис бум сезоната повторно се отвора пред две години, кога Карастоев отвора уште три фирми. На 20 јуни 2024 година, со работа почнува компанијата „Инфинити Форевер Сторе ДООЕЛ“, каде што тој фигурира и како сопственик и директор. Оваа компанија располага со минимален приход и добивка. На истата дата е отворена и фирмата „Гламур Спаркле Сторе ДООЕЛ“. Двете компании се регистрирани и на истата улица. Тука им се приклучува и третата фирма основана на ист ден, иста адреса, само што, освен тоа што Дончо се води како сопственик, како управител се појавува Миро Карастоев, очигледно некој близок роднина.

БИЗНИСИ И ВО СОСЕДНА БУГАРИЈА

Вака отприлика изгледа мрежата на компании на Јанев и Карастоев во Македонија. Но, сепак, тие бизнисот го имаат проширено и надвор од државата, поточно според соопштенијата од опозициските партии во Бугарија.

„Во Петрич, Бугарија, на улицата Антон Попов број 57 е регистрирана фирмата ДАНО ТРАНС ЕООД, на баџанакот на Мицкоски – Јорданчо Јанев, од Струмица. Јанев, кој важи за еден од најблиските соработници на Мицкоски, меѓу другото, и фамилијарно поврзан, вртел пари преку оваа фирма.

До 3 милиони бугарски лева биле свртени од оваа фирма во Бугарија, во 2018 година, односно околу 1,5 милион евра.

Одиме понатаму. Во бизнисот не е само баџанакот на Мицкоски. На оваа иста адреса, на улицата Антон Попов број 57 во Петрич, Бугарија, има уште една фирма, „Инфинити транспорт група“. Раководител и сопственик е Дончо Карастоев, прв братучед на баџанакот на Мицкоски, објавија од СДСМ.

Од партијата, исто така, тогаш упатија прашања до премиерот дали има или фирми со исти или слични имиња и во Македонија?

„Дали овие фирми и овие лица се финансиери на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ? Колку милиони евра свртеле и каде завршиле дел од тие пари? Дали кај членови на семејството на Мицкоски или и во ВМРО-ДПМНЕ? – прашуваа пред повеќе од една година од опозицискиот СДСМ.

Од друга страна, од актуелната владејачка гарнитура експресно излегоа со соопштение дека опозиционерите лажат.

Но, популарното бугарско гратче Петрич врие од фирми, од кои доста се македонски газди, па така и вмровците не останаа должни кога објавија дека актуелниот лидер на СДСМ, Филипче, не пријавил во анкетниот лист дека поседува фирма за недвижнини во Бугарија. Исто така, тие едно по едно ги објавија и имињата на семејството Заеви, поточно сите братучеди еден по еден и нивните фирми.

И така, додека функционерите и нивните роднини пливаат во луксуз и пари, обичните смртници страдаат за парче леб. Не секој во Македонија може да биде „богат“.рганизацијата на настанот реагираа од партијата Левица. Од таму велат дека во време кога многу семејства се соочуваат со сиромаштија, задолженост, намален стандард и секојдневни трошоци, овие енормни суми за елитни настани се неприфатливи.

„Како партија, ние ќе се залагаме за транспарентен и одговорен буџет, каде парите на граѓаните се вложуваат во социјални проекти, образование, здравство и поддршка за најранливите групи, а не за раскошни и “елитни” ручеци. Време е да се стави народот на прво место, а не ексклузивни свечености, особено кога општината се соочува со големи долгови“, реагираат од локалниот огранок на Левица во Струмица.

 

Слични вести