Папата Лав во неделата објави дека лекарите откриле јазол на неговите бели дробови при неодамнешните прегледи и дека хируршки ќе го отстранат во наредните денови, пренесува Ројтерс.
Ова Папата им го соопшти на собраните верници на плоштадот Свети Петар, говорејќи од прозорецот на Апостолската палата по неделната ангелска молитва.
„Почитувани, неодамна за време на некои медицински прегледи, лекарите открија локализиран јазол на моите бели дробови. Откриен е во многу рана фаза и е доста ограничен. Лекарите веруваат дека е подобро да се реагира, па, следејќи ги нивните совети, решив да направам операција за да го извадам. Операцијата е веќе закажана за следните неколку дена.
Папата не зборуваше за природата на јазлите, ниту го прецизираше точниот датум на операцијата.
Белодробниот јазол е мала, тркалезна промена во ткивото на белите дробови и најчесто се открива случајно за време на снимањето. Повеќето од таквите промени се бенигни, но лекарите понекогаш ги отстрануваат со цел навреме да исклучат или спречат некоја посериозна болест.