Трамп против Зеленски: „Време е Украина да добие нов претседател“

by jadranka 20:16
20:16

Американскиот претседател Доналд Трамп отворено повика Украина да добие нов претседател наместо Володимир Зеленски, обвинувајќи го украинскиот лидер дека не постигнува договор за завршување на војната со Русија. Изјавата ја даде пред новинарите во Белата куќа, во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Киев по договорот за испорака на руски дизел, објави АП.

„Знаете што предлагам? Предлагам да добијат нов лидер кој би можел да постигне договор. Тој можеше да постигне многу договори, но од некоја причина никогаш не го прави тоа. Мислам дека е време Украина да добие нов претседател“, изјави Трамп.

Американскиот претседател го критикуваше Зеленски и поради украинските напади врз руските рафинерии, тврдејќи дека тие влијаат врз светската испорака на дизел и предизвикуваат проблеми за други држави, вклучително и за САД.

„Им рековме: Можете да ѝ правите на Русија што сакате, но не ги напаѓајте рафинериите, бидејќи така му создавате проблем на целиот свет“, рече Трамп.

Тој додаде дека Украина, со нападите врз руската нафтена инфраструктура, придонесува за проблемите со снабдувањето и ги повика украинските власти да престанат со таквите дејства.

„Подобро му е, по ѓаволите, да престане“, порача Трамп.

Изјавите следуваат откако американскиот претседател објави договор со рускиот претседател Владимир Путин за испорака на големи количества руски дизел на светскиот пазар. Според најавата на Трамп, Русија треба веднаш да испорача повеќе од 300.000 тони, потоа дополнителни 500.000 тони во ноември и уште еден милион тони по тоа, со можност за понатамошни испораки. Вашингтон со овој потег настојува да го ублажи растот на цените на горивата, дополнително засилен поради војната со Иран.

Зеленски остро го критикуваше договорот, предупредувајќи дека дополнителните приходи од продажбата на руски енергенси ќе ѝ овозможат на Москва да ја продолжи војната.

„Русија денеска се заблагодари за укинувањето на санкциите за извоз на дизел со фрлање пет наведувани бомби врз станбени згради во Запорожје“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.

Според „Аксиос“, Трамп одлучил да постигне договор со Путин откако Зеленски не прифатил најмалку шест американски барања да престане со нападите врз руските рафинерии. Американски функционер, запознаен со разговорите, изјавил дека Трамп смета оти нападите врз руската нафтена инфраструктура дополнително ги зголемуваат цените на горивата во САД.

Според истиот извор, Зеленски бил подготвен да ги запре нападите врз руските рафинерии доколку Русија истовремено престане да ги напаѓа украинските електрани. Трамп, сепак, барал Украина еднострано да ги прекине нападите.

Тензиите се зголемиле и за време на разговорите во Мајами, каде што специјалните пратеници на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, се сретнале со украински и европски претставници. Според украински функционер, цитиран од „Аксиос“, американските претставници предупредиле дека Вашингтон би можел да ја прекине размената на разузнавачки информации со Украина доколку Киев продолжи да ги игнорира барањата за прекин на нападите врз руските рафинерии. Американски функционер ја негирал ваквата закана.

Украинското раководство, според истиот извештај, не било однапред известено за американско-рускиот договор за дизел. Разговорите во Мајами биле насочени и кон безбедносните гаранции за Украина, можните територијални решенија и обновата на земјата по завршувањето на војната.

И покрај договорот за енергенсите, засега нема потврда дека Русија е подготвена да ги продолжи мировните преговори. Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, изјавил дека рускиот претседател за време на 90-минутниот телефонски разговор со Трамп не се согласил на непосредно продолжување на преговорите со Украина. Москва дополнително ќе разгледува кога тие би можеле да продолжат.

Во меѓувреме, европски држави изразија загриженост поради американското ублажување на санкциите за руските енергенси. Германија и Шведска соопштија дека остануваат посветени на санкциите против Русија.

Трамп сега отворено ја доведе во прашање политичката иднина на Зеленски, во момент кога односите меѓу Вашингтон и Киев повторно се заоструваат, а руската војна против Украина, започната со инвазијата во февруари 2022 година, продолжува.

Слични вести