(Видео-интервју) Зоран Доревски: Најверојатно извршителите на атентатот на Глигоров доаѓаат од српското подземје

by jadranka 12:08
12:08

„Атентатот како најсложено политичко-кривично дело, има три јасно одвоени фази – инспирација, организација и извршување е исклучително комплексен за истрагата. И, доколку таа (истрагата) не е соодвдетно димензионирана, водена и насочувана, конкретно според фазите на извешување и профилот на позициите кои стојат зад тие фази, не може да ги открие тие што учествувале во него. И, тоа се има случено и во скопската истрага. Или, со други зборови, начинот на кој е поставена истражната шема, начинот на кој е водена и како е насочувана. Нејзиното насочување е вториот момент кој е клучен за неуспех на истрагата. А, таа во одредени моменти и периоди била и саботирана и, на еден многу вешт начин, дефокусирана и пренасочувана во погрешни правци“, го опишува во видео-разговор за „Фокус“ авторот на книгата „Атентат“ Зоран Доревски пропустот во истрагата за атентатот врз првиот македонски претседател Киро Глигоров во октомври 1995 година. Која и ден-денес е најголемата мистерија и потфрлање на безбедносните структури во независноста на Македонија.

Доревски кој во тоа време беше главен инспектор, а подоцна и началник на Управата за обезбедување на имоти и лица, позната како Шеста управа во МВР, во својата книга пишува и дека има јасни информации, од грчки извори, за наводна вмешаност на структури на поранешниот КГБ (подоцна ФСБ) во самкиот атентат. И, ги лоцира и можните атентатори на Глигоров, врз база на сознанијата до кои дошол за целиот изминат период од повеќе од три децении.

„Не можеме со сигурност да тврдиме, ниту пак да се создаде судски издржано обвинение за конкретни лица. Но, со голема доза на сигуирност може да кажеме, односно да претпоставиме дека извршниот дел, она најоперативно теренско ниво, припаѓа на српското подземје. Но, организацијата на атентатот и, особено, наредбата и инспирацијата, најверојатно се од некои други структури. И, во книгата не одам со егзактно лоцирање, но дефинитивно ги лоцирам во испреплетеноста на безбедносните служби на Балканот. Мотивот треба да се бара најмногу во моментот да се спречи инсталирањето на НАТО во Македонија“, нагласува Доревски.

Подготвиле: 

Зоран Фиданоски – Томислав Георгиев – Орце Костов 

Слични вести