Левица: За ДПМНЕ доволен е само владин записник за да се исплатат 300 милиони денари за Гета

by jadranka 10:47
10:47

По сите обиди да се продаде приказната за прослава од „нула денари“, директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, сега се обидува да нѐ убеди дека за издвојување на 300 милиони денари е доволен записник од седница на Владата. На прашањето дали постои записник од Собранието на акционери со кој се одобрува ваквата операција, тој повторно се повика на владината одлука, тврдејќи дека Владата настапувала во својство на акционер, велат во своето партиско соопштение од Левица.

„Државна лотарија е акционерско друштво во кое одлуките за располагање со средствата мора да се носат согласно законски пропишаните процедури. Владата како претставник на единствениот акционер не може само со налог да ги заобиколи тие процедури, ниту да го замени потребниот акт за одобрување на исплатата од 300 милиони денари со повикување на владин записник.

Климовски дури и самиот изјави: „Дали ќе бидат одлуки формални или ќе бидат во нашиот записник, во текстот на записникот, тие нѐ обврзуваат“. Со вакво објаснување, директорот практично бара од граѓаните да прифатат дека формата, надлежноста и документацијата се споредни кога Владата ќе каже каде да одат парите.

За ДПМНЕ, очигледно, навиката да ги држи институциите под партиска контрола создава илузија дека може да ги заобиколува законите секогаш кога ќе ѝ затреба на партијата. Кога институциите се третираат како партиски продолжени раце, а не како органи што располагаат со јавен капитал, не е чудно што сега, фатени во тесно, наместо со документи да одговорат на прашањата, се обидуваат да ја релативизираат сопствената одговорност“, се вели во соопштението на Левица.

Слични вести